Богатството на Маск се проценува на 20 милијарди долари

Македонците се придружија на твитер-кампањата за „пристап“ до милијардите на Илон Маск, меѓу бројните барања за помош и инвестиции од целиот свет кои пристигнуваат до американскиот претприемач преку социјалната мрежа. Македонските корисници на Твитер се обидуваат да го „натераат“ Маск да инвестира во соларни панели во државава, оставајќи му досетливи пораки.

„Еј Илон Маск, само што слушнав некои луѓе како велат оти нема шанса да и помогнеш на Македонија да набави соларни панели. Кажаа дека не си способен“, „Тој би можел да биде херој за Македонија на рамништето на Александар Македонски, но можеби нема потенцијал за овој потфат“, „Доколку ја прекриеме целата површина на Македонија со соларни панели, би можеле да обезбедиме електрична енергија за половина од светските држави. Замислете ги можностите“, „Ова е одлична идеја. Се надевам дека Илон Маск ќе го прочита овој твит. Македонија е земја со 300 сончеви денови“, гласат дел од твитовите упатени до Маск.

За ваквиот тренд придонесе вклучувањето на Маск во спасувачката акција за ослободување на момчињата од пештерата Там Луанг во Тајланд, откако корисник на Твитер побарал помош од него. Богатиот Американец преку Твитер даваше известувања за неговиот обид за конструкција на мини-подморница која ќе ги спаси Тајланѓаните, но, додека го достави неговиот изум до пештерата, спасувачките екипи веќе почнаа да ги извлекуваат децата, користејќи јаже. Надлежните лица во Тајланд истакнаа дека опремата што ја доставил Маск не може да биде од корист во спасувачката акција.

Маск потоа се соочи со бројни обвинувања на социјалните мрежи оти се вклучил во акцијата бидејќи станувало збор за медиумски атрактивна приказна што ја следи целиот свет, додека во Флинт, САД, веќе траела криза за вода. Тоа резултираше со одговор од директорот на компаниите „Тесла“ и „Спејс екс“ оти тој ќе ја финансира поправката на сите домови во Флинт.

Британскиот весник „Гардијан“ ја опиша ситуацијата со барањето на помош од претприемачот на сатиричен начин, во написот со наслов „Сакате да ги поделите милионите на Маск? Само твитајте му“.

– Тој прати бескорисна подморница на заробените тајландски деца и вети дека ќе обезбеди чиста вода за жителите на Флинт. Еве како да го натерате да ги испразни џебовите – пишува Гардијан.

Богатството на Маск се проценува на 20 милијарди долари, според податоците на магазинот „Форбс“. Останува да се види дали Американецот ќе одговори на македонските барања за инвестиции. М.Ж.