Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Албанија формално има Закон за заштита на националните малцинства, но иако овој закон е донесен пред една година, сѐ уште не е стапен во сила. Правата на малцинствата во Албанија, вклучувајќи ги и на Македонците, се далеку зад правата што Албанците ги имаат во нашата држава

Македонците од Мала Преспа и од Голо Брдо во Албанија бараат нивно поголемо вклучување во политичките, научните и културните дејности во Македонија. Тие бараат нивни луѓе да бидат вклучени во составот на македонскaта влада, нивни доктори на науки и писатели да учествуваат во членството на Македонската академија на науките и уметностите, да бидат вклучени во Друштвото на писателите, да имаат право да учествуваат на сите фестивали, конкурси, на телевизиски дебати, дури и на телевизиски квизови.

Свои забелешки имаат и за медиумите во Македонија, особено за државниот национален сервис МРТВ, кои долго време не посветуваат никакво внимание кон овие Македонци во Албанија. Не изостануваат и „поплаките“ за негрижата на македонските власти за нивната судбина и истакнуваат дека македонската држава нема никаква стратегија за водење национална грижа за ова македонско население.

За подобрување на положбата се предлага оваа или наредната година да се организира една семакедонска средба во Албанија, да се формира контакт-центар што ќе собере информации за сите Македонци во Албанија, каде се, во кои села и градови. Исто така се планира да се покануваат видни личности од Европа и светот за да ги видат условите за живеење во овие подрачја.

Овие и други барања и констатации се истакнати во новиот број на весникот „Преспа“, весник на Заедницата на Македонците во Албанија. Поради немање поддршка ниту во Албанија ниту во Македонија, весникот излегува периодично и со голем напор на неколкумина Македонци, меѓу кои се истакнува упорноста и ангажираноста на Ефтим Митревски, главниот уредник на весникот.

Најголем дел Македонци живеат во Долна Преспа и во областа Голо Брдо, но Македонци по потекло и по чувство има речиси во сите градови на Албанија, кои и во времето на кралот Зогу и за време на диктатурата на Енвер Хоџа биле протерувани од своите родни места. Во Долна Преспа, крај Преспанско Езеро, Македонците живеат во општината Пустец, наречена според името на најголемото село. На албански јазик името е општина Лиќенес, во која живеат околу 5 илјади жители, сите православни христијани, Македонци. Во Голо Брдо, од другата страна на границата кај Дебар, Македонците се со исламска вероисповед. Најголемиот дел жители од Пустец се македонски државјани, со македонски лични карти, познати, меѓу другото, и преку нивната злоупотреба при изборни гласања. Грбот на општината го носи древниот македонски симбол – ѕвездата од Вергина (Кутлеш). Таблата со името на општината е двојазична, на македонски и албански јазик, а на македонски јазик се води и општинската администрација.

Македонците од Мала Преспа се признаени како македонско национално малцинство и имаат право на образование на македонски јазик во основното училиште и во гимназијата во Пустец. Во Голо Брдо ги немаат тие права. Во тие делови македонскиот јазик се користи во домашна и меѓусебна комуникација. Училиштата располагаат со солидна библиотека, донација од Македонија, а повремено се одржуваат научни културни манифестации, низ кои се прикажува и одржува националниот дух.

Неодамна во организација на македонското друштво „Сонце“, а во соработка со институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, во Корча беа промовирани четири книги на македонски јазик. Станува збор за книгите „Говорот на Македонците во Мала Преспа“ од Гоце Цветановски, „Голо Брдо“ од рускиот автор Андреј Соболев и две книги поезија и проза од Крисанта Јанкула.

Во Албанија формално има Закон за заштита на националните малцинства, но иако овој закон е донесен пред една година, сѐ уште не е стапен во сила. Правата на малцинствата во Албанија се далеку зад правата на Албанците што ги имаат во нашата држава. 

Македонците во Албанија имаат низа забелешки за односот кон нив
Фото: Маја Јаневска-Илиева