Обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, денеска оствари работна средба со својот албански колега, главниот специјален обвинител против корупција и организиран криминал, Арбен Краја.

Како што информираат од обвинителството, двајцата обвинители водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси потпишале Меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат.

– Со Меморандумот обвинителствата се обврзаа во рамките на своите надлежности и согласно европското законодавство и законодавствата на двете земји, да ги зајакнат меѓуинституционалните односи во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Воедно, обвинителите се договорија да соработуваат преку размена на информации и документи поврзани со нивниот делокруг на работа, советување за општи правни прашања поврзани со заемната правна помош и меѓусебни посети, со цел подобрување на знаењето и зајакнување на вештините на јавните обвинители од двете обвинителства – се наведува во соопштението.