Фото: Игор Бансколиев

Од земјите од регионот, Македонија е најлошо рангирана, дури на 90-та позиција, што практично значи дека Македонија е најмалку подготвена и способна да одговори на какви било предизвици и опасности по животот и здравјето на своите жители

Колку македонскиот здравствен систем има капацитет и е подготвен брзо да реагира во случај кога на државата би ѝ се заканувале масовни глобални епидемии, природни стихии и непогоди, но и болести предизвикани од нуклеарни кризи? Во истражувањето на Глобалниот безбедносен индекс на американскиот институт „Џон Хопкинс“, во кое се опфатени повеќе држави, меѓу кои и нашата, се нудат одговори токму на овие прашања. Резултатите од истражувањето нам ни се интересни и во контекст на актуелниот момент со алармантно ниво на загаденост на воздухот, за што се бара спас и преку вклучување на војската и полицијата. Од друга страна, токму загадувањето на воздухот е причина за голем број смртни случаи и разни опасни болести.

Истовремено, кај нас веќе подолг период е активна и епидемијата на морбили.
Во воведниот дел на американското истражување се информира дека во анализата се опфатени 195 земји, каде што се извршени процени за тоа како функционираат државните здравствени системи во превенцијата и борбата против глобалните епидемии.

Во документот се вели дека во денешницата ниту една држава во светот не е целосно подготвена да се справи со епидемија или пандемија во глобални димензии, но може да се направи разлика во делот на тоа кој подобро би се справил со овие закани.
Натаму, во истражувањето се образложува дека податоците за анализа се добиени од интернационални институции како Светската здравствена организација (СЗО) и Светската здравствена организација за здравјето на животните и според нив е пресметано рангирањето на земјите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во рангирањето, регионално гледано, Словенија го предводи Балканот, и таа во светски рамки е сместена на високата 12-та позиција.

По неа следуваат Грција и Хрватска, кои се рангирани на 37-то и 38-то место. Натаму на листата земјите од регионот се подредени по следниот редослед: Албанија (39), Србија (41), Бугарија (61), Црна Гора (68) и БиХ (79). На крајот од листата, најлошо е рангирана Македонија, која е сместена на 90-та позиција од листата на американскиот институт. Тоа, практично, значи дека Македонија е најмалку подготвена и способна да одговори на какви било предизвици и опасности по здравјето на своите жители.

Во делот на документот што се однесува на нашата земја се истакнува и дека Македонија глобално влегува во групата држави што имаат државен апарат да се справат со епидемиите. Истражувањето додава дека Македонија исто така влегува и во групата држави во светот што активно споделуваат информации на меѓународно ниво поврзани со здравјето на луѓето и на животните.

Во меѓувреме, здравствените експерти советуваат дека оние што раководат со државата требаат да посветат поголемо внимание и финансии на развојот и функционирањето на здравствениот сектор ако сакаме да се искачиме повисоко на оваа листа на рангирања, но и на слични други што ги анализираат овие здравствени процеси.

Доктор Софка Драгоманска-Бошковска во својот осврт на актуелните случувања вели дека доколку Македонија сака да се справи со заканите по здравјето на луѓето, државата наголемо треба да инвестира во нашата медицина и да врши константна едукација на медицинскиот кадар што работи тука.

Докторката Драгоманска-Бошковска подвлекува дека овие случувања се спречуваат единствено со постојана едукација на населението за опасностите и последиците од болестите што би можеле да прераснат во епидемии.

– Натаму е неопходна и редовна и навремена вакцинација, за одржување на колективниот имунитет на населението во државата, а сето тоа треба да е проследено и со современи развивања на планови и протокол на институциите за спречување на овие немили случувања – вели таа.

[email protected]