Во Ниш вчера спасувачки екипи од седум држави почнаа голема меѓународна вежба, на која во следните три дена, во околината на градовите на југот на Србија, ќе биде симулирана ликвидација на последици од вонредни состојби на подрачјето на Балканот.

Во вежбите ќе учествуваат повеќе од 500 спасувачи од седум земји – Русија, Србија, Куба, Босна и Херцеговина, Македонија, Унгарија и Турција, а се организирани за да се подигне нивото на подготвеност на меѓународните спасувачки единици за ликвидација на вонредни состојби и воспоставување меѓународна соработка при нивна појава, соопшти службата за односи со јавноста на Министерството за вонредни состојби на Руската Федерација.

Од Русија пристигнаа повеќе од 200 спасувачи на Министерството за вонредни состојби, вклучувајќи и припадници на одредот Центроспас, како и нивните
колеги од Санкт Петербург и Ростов на Дон. Авијацијата на руското министерство ќе биде широко застапена, а тоа значи дека во вежбите ќе учествуваат вкупно седум летала, вклучувајќи авиони „ил-76“, авионот-амфибија „бе-200“, хеликоптери „ми-26“, „ми-8“ и „ка-32“, како и 11 единици специјална техника и опрема за спасување, како и беспилотни летала.

Вежбите ќе се одвиваат во три фази во околината на Ниш, Прокупље и Алексинац. Според сценариото, Балканскиот Полуостров е погоден од силен земјотрес. Меѓународните спасувачки екипи ќе ги отстрануваат последиците од пожарите и рушењето во погоните на фабрика за производство на машини, ќе ликвидираат последици од несреќи во фабричкиот круг, истекување опасни хемиски материи од железничка цистерна, ќе гаснат пожар и ќе трагаат по повредени лица во високи згради, ќе гаснат шумски пожар и ќе бараат преживеани и ќе укажуваат медицинска помош во специјалната аеромобилна болница на Центроспас.

Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш беше формиран врз основа на договорот помеѓу двете влади на 25 април 2012 година. Како правна основа за формирање на центарот послужи договорот од 2009 година за соработка во областа на вонредното хуманитарно реагирање, спречувањето елементарни непогоди и индустриски хаварии и отстранување на нивните последици. Основан е за хуманитарна реакција на вонредни состојби на територијата на Србија и другите земји од балканскиот регион.

Досега центарот обезбеди помош и работеше на отстранување вонредни состојби на територијата на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција и Словенија.