Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со дел од македонските научници кои се на листата со најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области за 2020 година, публикувана од Универзитетот „Станфорд“ од САД.

Помеѓу топ два отсто најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области се најдоа Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Леонид Грчев, член на МАНУ, Валентин Мирчески од Институтот за хемија при ПМФ – Скопје, Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институтот за хемија при ПМФ – Скопје.

На листата е и Ратко Јанев, член на МАНУ, кој почина минатата година.

Изборот е направен врз основа на опсежна анализа на релевантни индикатори, како објавени трудови, цитираност, х-индеx на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.

Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека на средбата со него научниците го информирале претседателот за своите научноистражувачки активности, како и за перспективите и потенцијалите на областите во кои секој од нив работи. На средбата се размениле мислења и за низата предизвици што значително го усложнуваат неопходниот развој на науката и истражувачката дејност во земјата.

„Упатувајќи честитки за импресивните достигнувања на нашите научници, претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од зајакнување на соработката меѓу државните институции, науката и бизнис-секторот, бидејќи развојот на секое општество е неминовно поврзан со инвестирањето во образованието. Во тој контекст ја нагласи неговата лична заложба за промовирање и поддршка на проекти чија цел е поттикнување на научната и истражувачката работа кај младите“, се наведува во соопштението.