Македонскиот готвач Дејан Карапеев, за Македонската вечер во ресторанот „Чез аугуста“ во Брисел, ќе подготви македонски специјалитети. Ролат од суви везени пиперки, варен кромид со сос од вински оцет, колач од лутеница, полент модар патлиџан со гравче и јагнешка коленица, сладолед од кадаиф, вака отприлика ќе изгледа неговото мени.

специјалитет

Македонската вечер ќе се одржи во рамки на „Тера Мадре Балкан“, како дел од т.н. „Брисел ќе го вкуси Балканот“. Почнува во 19 часот, а менито е објавено пред неколку дена и ресторанот го промовира и продава како посебен пакет. 

Домаќин на Карапеев му е францускиот колега Оливие Каузабон, кој е сопственик на  „Чез аугуста“ и шеф на кујна. 

Најавувајќи го настанот, „Чез аугуста“ на 14 мај на својот фејсбук профил напиша: „Не се колебајте, резервирајте“.

Карапеев вели дека вечерва ќе готви традиционални специјалитети, но на модерен начин.

карапеев

– Поголем дел од намирниците, со оглед дека се наши, традиционални, ги набавив во Македонија и ги донесов тука. Менито е следно: ладно предјадење – леден колач од лутеница, ролат од суви везени пиперки, галичко овчо бело сирење и кајмак, галички овчи кашкавал со власец (вид кромид, тенко како игла), варен кромид со сос од вински оцет, главно јадење – полент модар патлиџан со гравче и јагнешка коленица во сос од праз и суви пиперки, десерт – сладолед од кадаиф, ореви и суво грозје на подлога од кадаиф, декорција чипс од кадаиф, слатко од дива смоква со млад кравјо сирење, сладок прелив од станушина, нагласува Карапеев.

специјалитет

Предвидено е, со вечерата, гостите во ресторанот да бидат послужени со домашна жолта ракија, струмичка мастика и вино „станушина“.

Паралелно со Македонската вечер, во други осум ресторани низ Брисел ќе се одржуваат „вечери“ и на останатите осум земји – учеснички на „Тера Мадре Балкан“: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, Бугарија, Романија и БиХ. И нивните готвачи ќе подготвуваат традиционална храна на модерен начин.