Македонија е рангирана меѓу последните земји според знаењето што го покажуваат учениците на 15-годишна возраст во областите од јазична писменост, математика и природни науки за 2018 година, покажуваат резултатите од тестирањето ПИСА, реализирано од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Но министерот за образование Арбр Адеми, во резултатите од тестирањето најде и позитивна страна.

– Македонските ученици имаат највисок скок на знаењето во 2018-та, споредено со 2000 и 2015 година. Ова е значителен напредок, не можеме прекуноќ или за три години да бидеме во првите десет земји на светската ранг-листа. Ова е значителен показател дека сме на прав пат – рече вчера министерот Адеми, презентирајќи ги резултатите од истражувањето спроведено минатата година во периодот од 23 до 27 април, врз примерок од околу 5.500 ученици на македонски и албански јазик. 

Македонија досега учествуваше на три ПИСА-тестирања, и тоа во 2000, 2015 и 2018 година. Ако се споредат резултатите од 2015 и 2018 година, бројките што се однесуваат за читање со разбирање се подобрени за 41 поен, односно од 352 поени во 2015-та на 393 поени во 2018 година.

Земјава на официјалнaта листа на ПИСА, на која има вкупно 79 земји, се наоѓа на 62-то место по резултатите од природните науки, на 66-то место по читање и на 67-то место по резултатите од математика. Во 2015-та беше на 68-то место по математика и на 69-то место по природни науки и читање, но тогаш во конкуренција со 72 држави.
Од земјите од регионот, полошо од Македонија е само Косово, додека пред земјава се Хрватска, Словенија, Србија, Грција, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Најдобро постигнување меѓу 79 земји, колку што беа тестирани, имаа тинејџерите од Кина и од Сингапур.