Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во повеќето дискусии на јавната расправа во Институтот за македонски јазик беше нагласено дека мора да се унапреди и регулира употребата на македонскиот јазик во јавната и службената сфера на општеството

Дваесет дена подоцна откако предлогот за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонски јазик беше поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за коментари и забелешки, вчера, во институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беше одржана јавна расправа, каде што научната и стручната јавност можеше да ги изнесе своите согледувања, забелешки и предлози за подобрување на законот.

Меѓу главните новини во оваа предложена верзија на законот од страна на Советот за македонски јазик се: отворање лекторати во странство, електронска база на сите научни истражувања за македонскиот јазик и формирање инспекторат како посебна институција. Понатаму, со предлог-законот се регулира и прашањето на употребата на македонскиот јазик во однос на Законот за јазици, што значи дека македонскиот е прв службен јазик и сите написи ќе мора да бидат регулирани на македонски, како мнозински јазик, и на другиот малцински јазик на малцинските заедници (албански, турски, српски…). Сите административни тела, особено во судството, како и приватни установи, ќе бидат должни сите текстови што ги издаваат (документи, исправи…) да бидат лекторирани. Во предлог-законот се опфатени и проектите за македонскиот јазик и пошироко за македонистиката, кои десетина години не се финансираа. Точно ќе се знае финансирањето за сите установи што се занимаваат со наука за да може да добијат средства и да работат на сериозни проекти. Исто така, предвидено е и сите научни истражувања посветени на македонскиот јазик да постојат во електронска база, што е обемен проект.

Во однос на усогласувањето со Законот за прекршоци, целта на актуелниот предлог-закон е да се воспостави паралела со глобите што постојат во Законот за јазици во однос на неупотреба или лоша употреба на македонскиот стандарден јазик. Најважно е што се предлага основање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција во рамките на Министерството за култура.

Во повеќето дискусии на јавната расправа во Институтот за македонски јазик беше нагласено дека мора да се унапреди и регулира употребата на македонскиот јазик во јавната и службената сфера на општеството, како кај родените говорители, така и кај граѓаните на кои македонскиот не им е мајчин јазик. Во таа насока беше предложено во законот да се прецизира дека изучувањето на македонскиот јазик е задолжително од почетокот на образованието за сите ученици во Македонија, за да се надмине состојбата во која сега се наоѓа јазикот, односно учениците од малцинските заедници странски јазици да учат од прво одделение, а македонски јазик – една до две години во повисоките одделенија на основното образование. Освен тоа, беше изнесен и предлог македонскиот јазик и култура на говор да бидат задолжителен предмет два семестра на сите факултети во високото образование. Професорот Гоце Цветановски од институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ изнесе низа конкретни забелешки и предлози за прецизирање на одредбите во новото законско решение за употребата на македонскиот јазик. Тој истакна дека законот треба да се доработи и усогласи со Уставот, а пред сѐ дека во Собранието треба да се гласа без да мора да се исполни т.н. Бадинтеров принцип. Забелешките на Цветановски беа дека и со актуелниот предлог-закон, сепак Законот за употреба на јазиците и понатаму го дерогира македонскиот јазик.

– Македонскиот јазик не може да биде странски и втор јазик во Македонија и треба да се употребува на целата територија на Република Македонија – истакна професорот Гоце Цветановски, кој имаше и сосема конкретни предлози за дополнување и прецизирање на повеќе членови од предлог-законот, во насока на дефинирањето на улогата и значењето на употребата на македонскиот јазик, во државата и во општеството. Во текот на расправата беа изнесени и забелешки во насока на политичката обоеност на законот, со тоа што голема надлежност во регулацијата на употребата на јазикот им се дава на владините тела, без поголема вклученост на научната и стручната јавност. Таквата забелешка се должи на идејата во законот за формирање ново владино тело, т.н. одбор за лекторати, во кој би членувале претставници од повеќе министерства, за кој научната јавност смета дека би бил скап, бирократски и нефункционален, а притоа навлегува и во ингеренциите на постојниот Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. Предвидено е некои од забелешките од јавната расправа да бидат имплементирани во предлог-законот за употреба на македонски јазик, пред тој да влезе во собраниска процедура.

Во институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се одржа јавна расправа за измените во Законот за употреба на македонски јазик   Фото: Маја Јаневска-Илиева