Фото: Игор Бансколиев

Чувството на загрозеност, или барем несоодветен третман на македонскиот јазик во сопствената држава, кое е особено доминантно во последните три години, е предизвикано пред сѐ од политичките случувања во овој период

Целата оваа седмица, поточно од 11 до 15 ноември, слободно може да се нарече седмица на македонскиот јазик, барем на научен план. Силен повод за ваквата перцепција дадоа Отворените денови на институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои по четврти пат се одржуваат во овој период. Централен настан на Отворените денови е научната конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања“, која ќе ја организира денеска и утре. Лексикографската, но и целокупната научна јавност, како и граѓаните, се гордеат со капиталните дела на , Речникот на црковнословенскиот јазик – македонска варијанта, работата на ономастички материјали… Сепак, директорката на институтот, Елена Јованова-Грујовска, во своето обраќање на Деновите истакна дека се гордеат со бројот на изданија што ги имаат во една година, делумно и поради фактот што со години немале издадено десет книги. Тој факт, како и уште некои други информации од несоодветните услови за работа, досега, на Институтот за македонски јазик, го актуализира прашањето за третманот на националниот јазик во македонското општество и држава.

Чувството на загрозеност, или барем несоодветен третман на македонскиот јазик во сопствената држава, кое е особено доминантно во последните три години, е предизвикано пред сѐ од политичките случувања во овој период. Донесувањето на Законот за употреба на јазиците, со кој се проширува опсегот на употреба на јазиците на другите етнички заедници, а пред сѐ на албанскиот јазик, беше причина за активирање на перцепцијата за загрозеност на македонскиот јазик.

Потпишувањето и спроведувањето на добрососедските договори со Бугарија и со Грција, во кои главното тежиште во голема мера е поставено токму на (не)признавањето на македонскиот јазик, дополнително создава погодна почва за развој и одржување на „теориите на заговор“ за систематско декомпонирање на македонизмот и потиснување кон заборав на македонскиот јазик. Колку и да се (не)реални овие теории, факт е дека во општеството веќе е разбрануван интересот за зачувување на македонскиот јазик.

– Не може да се одрече дека политичкиот момент, на еден или на друг начин, го активира интересот на општеството и ја подигна свеста за македонскиот јазик. И покрај постојано нагласуваните негативности од Преспанскиот договор и од Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак треба да се констатира одредено придвижување во позитивна насока во однос на прифаќање на реалноста на постоењето на македонскиот јазик од соседите. Во тој контекст се надеваме дека наскоро ќе одржиме заедничка славистичко-грчка лингвистичка конференција, на која во рамките на славистиката ќе се зборува и за македонскиот јазик. Како позитивен сигнал го гледам и интересот на сѐ повеќе студенти од немакедонските етнички заедници во земјава да студираат македонски јазик. Од друга страна, пак, лош сигнал е тоа што родените говорители на македонскиот јазик не се трудат да говорат и пишуваат правилно на сопствениот јазик. Јазикот пред сѐ треба да се негува и афирмира во сопствената средина, а не да се користи само за политичка пропагнда – вели Људмил Спасов, професор македонист на Филолошкиот факултет при УКИМ и претседател на Советот за македонски јазик.

Во однос на интересот за студирање на македонски јазик, како своевиден индикатор за третманот на националниот јазик во државата, деканката на Филолошкиот факултет, Анета Дучевска, смета дека работите треба поинаку да се разграничат.

– Интересот за студирање македонски јазик (кој е сосема задоволителен) не може да се изедначи со третманот што го има државата спрема националниот јазик. А многу аргументи укажуваат на тоа дека македонскиот јазик го нема соодветниот третман од државата. Преку студиска програма не се креираат јазични политики. Јазичните политики се креираат од Министерството за култура, Министерството за образование, Советот за македонски јазик. Нештата треба да се разграничат, но долго време македонскиот јазик го нема соодветното место во македонското општество – вели деканката на Филолошкиот факултет, Анета Дучевска.

Во интерес на вистината, политичките случувања отворија некои процеси на реафирмација на македонскиот јазик, кои некои ги оценуваат како задоцнети и сѐ уште незадоволителни. Наскоро треба да биде објавен новиот предлог-закон за употреба на македонскиот стандарден јазик, во кој меѓу другото се стимулира потребата за користење консултации од лектори по македонски јазик во сите државни институции, а се предлага и да се зголеми бројот на лекторатите за македонски јазик во странство, во кои ќе се изучува, но и проучува македонскиот јазик.

– Новата состојба со донесувањето на Законот за употреба на јазиците го прави застарен во неколку точки актуелниот закон за употреба на македонскиот стандарден јазик. Веќе е подготвен новиот предлог-закон, кој наскоро треба да се објави на веб-страницата на Владата, ЕНЕР, каде што ќе може да се разгледа и ќе биде отворен за јавната дебата. Во тој предлог-закон, меѓу другите предлози, е внесена одредбата за лекторирање на документите на сите државни институции, што секако ќе го зголеми интересот за студирање македонски јазик. Морам да нагласам дека овој предлог-закон за македонскиот јазик не е во спротивност со Законот за употреба на јазиците – вели професорот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.