Добрица Ќосиќ

Викендов се навршија осум години од смртта на еден врвен интелектуалец, македонски политичар и дипломат, Лазар Мојсов. Во декласифицираните документи на британската тајна служба, за кои минатата недела пишуваше нашиот весник, тој беше оквалификуван како „бесен македонски националист“. Овој пат објавуваме интересен писмен допис до Лазар Мојсов, испратен од поранешниот српски претседател Добрица Ќосиќ, во кој меѓу другото „претскажува“ за „пропаста на поранешна Југославија и на македонскиот народ“…

Пишува Блаже Миневски

Во септември 1987 година, кога Лазар Мојсов е претседател на Претседателството на СФРЈ, српскиот писател Добрица Ќосиќ, кој почина пред четири години, на 93-годишна возраст во Белград, испратил писмо до Мојсов за да му каже дека верува оти има „памет и совест да сфати дека без насилство и крв не може да се одржи општествено-економскиот и државен поредок на Југославија“.

Мојсов треба да се срами што е претседател!?

Според писмото на Ќосиќ, Мојсов требало да се срами што е претседател на држава во која на Косово и Метохија се продолжува геноцидот врз српскиот народ, а албанскиот народ се варваризира со шовинизам и насилство. Неколку години подоцна, Ќосиќ беше првиот српски интелектуалец што отворено предлагаше поделба на Косово, а токму Косово е поводот за острото писмо со кое му се обраќа на Лазар Мојсов, кој во тоа време е претседател на Претседателството на СФРЈ. Во ова свое писмо, испратено до Лазар Мојсов на 10 септември 1987 година, Ќосиќ меѓу другото вели: „Не вршете одмазда над жртвите на својата политика туку менувајте ја политика; не создавајте Либан од Југославија туку овозможете темелни демократски реформи со кои народите на оваа земја единствено можат да излезат од очајот и безизлезот во спокојство и напредок!“ Во продолжение на писмото Ќосиќ констатира дека во Југославија неминовно и сѐ почесто ќе одекнуваат рафали на очајници: „Јас верувам дека ти, Лазаре Мојсов, имаш памет и совест да сфатиш дека без насилство и крв не може да се одржи постојниот општествено-економски и државен поредок на Југославија. Не прилега на твоето искуство и разбирање на историјата да се надеваш дека со завршувањето на мандатот ќе бидеш ослободен од одговорноста за пропаста на Југославија, со која неминовно пропаѓа и твојот македонски народ. А твојата одговорност ја зголемува и фактот дека ти беше претседател на Сојузот на комунистите на Југославија во 1981 година, кога изби големоалбанскиот бунт во Приштина, а ти, поттикнувачите, ако помнењето не ме лаже, ги виде во странски сили, непријателски расположени спрема Југославија. Ти беше претседател на СКЈ кога ни раководството на СКЈ, ни југословенската влада, ни Претседателството на СФРЈ не покажаа ниту волја ниту морално-политичка одговорност за судбината на земјата, ниту, пак, со вистинска анализа на случувањата, презедовте соодветни мерки во врска со тоа.

Со таквиот однос кон албанскиот бунт од 1981 година, политичкото раководство на Југославија, со тебе на чело, партиципираше во настаните што следуваа, со кои се довршува прогонот на српскиот народ од Косово и Метохија а рафалите во параќинската касарна најавуваат нови несогледливи несреќи“, пишува Ќосиќ во писмото до Лазар Мојсов.
„Сепак, со остатокот на разумна надеж, сѐ уште очекувам од тебе и некои твои другари во политичкото раководство на Југославија дека ќе ја извршите својата патриотска должност, исполнувајќи ја заклетвата дека ќе овозможите демократска и цивилизациска преродба на Југославија во социјалистичка насока“, пишува Добрица Ќосиќ во писмото до Лазар Мојсов од 1987 година.

Како се трансформира српскиот националист, па се залагаше за преродба на Југославија

А само две години пред тоа, српскиот академик, зборувајќи за „тегобите на минатото и предизвиците на иднината“, бара Српската академија на науките и уметностите да се изјасни за потребата од ангажирање во врска со „општествените и национални проблеми“. Следната година истиот предлог, формулиран како потреба да се „истакнат најактуелните општествени, политички, економски, социјални, научни и културни проблеми во облик на меморандум“, едногласно е прифатен од САНУ, а Претседателството на Академијата во јуни 1985 година избира Одбор за подготовка на меморандумот за актуелните општествени прашања, кој започнува со работа кон крајот на годината, ангажирајќи вкупно 23 редовни и дописни членови. Работата на овој текст се совпаѓа со прославата на стогодишнината на САНУ, на 1 ноември 1986 година, кога, само еден месец пред прославата, работата на меморандумот е прекината со објавување на работниот материјал на таканаречениот Меморандум на САНУ. Сепак, САНУ подоцна во повеќе наврати преку свои соопштенија и настапи на раководството се повикуваше на меморандумот како на документ на Академијата, потсетувајќи дека всушност таа прва ја дефинирала српската национална програма. Токму овој меморандум сите преостанати република го сфатија како нова националистичка српска платформа за ревидирање на Југославија.

Во исти гробишта на заслужните!

Дека во тоа има вистина зборува фактот што главниот иницијатор и ментор на меморандумот, Добрица Ќосиќ, само една година по острото писмо до Лазар Мојсов, јавно го поддржува претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, и неговата политичка програма, поради што доживеа читателите да му ги враќаат книгите. Сепак, Ќосиќ продолжува со реализација на меморандумот, па следната 1989 година учествува во организирањето на Србите во Хрватска во Српската демократска странка, а една година подоцна и во основањето на истоимената партија во БиХ, на чие чело ќе застане Радован Караџиќ. Само две години подоцна, на 15 јуни 1992 година, Ќосиќ е избран за прв претседател на она што остана од Југославија, но по судирот со Милошевиќ е сменет со тајно гласање во двата собора на Сојузното собрание. Смената била иницирана од Српската радикална странка на Воисалав Шешељ „поради кршење на Уставот“. Веднаш по разрешувањето, Ќосиќ преминува во опозиција и, на повик на Зоран Ѓинѓиќ, зборува на протестните собири во 1996 и 1997 година. Во мај 2000 година влегува во народното движење „Отпор“, но подоцна изјавува дека тоа не би го направил да знаел дека таа организација се финансира од странство.

Според српските медиуми, академик Ќосиќ е погребан на Новите гробишта во Белград, во семејниот гроб, до сопругата Божица, а од него се простила главната „политичка и културна елита на Србија“. Погребан е, по сопствена желба, без говори и почесни церемонии. Во записите на неговиот биограф Радован Поповиќ стои дека Ќосиќ сметал оти сѐ што бил, ако тоа не се книгите, не заслужува да се спомнува. Судбината сакаше Србија да се прости од него токму во деновите кога беше соочена со една од најголемите катастрофи што ја снајдоа во последниве дваесетина години со огромните поплави. Сето тоа како да ја потврди неговата мисла изречена во едно од своите интервјуа: „Мислам дека ја исполнив мојата судбина. Надежта и верата се наоѓаат само во вистината“. По сето тоа, сега, заедно со Лазар Мојсов, кој почина нецели три години пред него и беше погребан на истите гробишта во Алејата на заслужните, слободно може да расчистат дали со пропаста на Југославија пропадна и македонскиот народ, односно дали Ќосиќ бил во право кога му се лутел за дефектите на државата во чие создавање и самиот учествувал уште од партизанските денови во 1941 година?


Лазар Моjсов – од партизан до претседател на Генералното собрание на ОН

Д-р Лазар Мојсов (19 декември 1920, Неготино – 25 август 2011, Белград) беше македонски и југословенски политичар и дипломат. Докторирал на Правниот факултет во Универзитетот во Белград. Учествувал во Втората светска војна како партизан и продолжил да се издига како функционер во KПЈ по 1945-та. Бил главен правозастапник за Социјалистичка Република Македонија од 1948 до 1951 година. Во следните две декади бил пратеник во собранијата на СРМ и СФРЈ. Во меѓувреме, Мојсов почнал дипломатска кариера како југословенски амбасадор во СССР и Монголија од 1958 до 1961 и во Австрија од 1967 до 1969 година. Од 1969 до 1974 година служел како југословенски амбасадор во Обединетите нации, Гвајана и во Јамајка.
Од 1974 до 1982 година бил заменик-министер за надворешни работи на Југославија, а од 1977 до 1978 година бил претседател на Генералното собрание на Обединетите нации. Од 1980 до 1981 година бил претседавач на Президиумот на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија, а од мај 1982 до мај 1984 година бил министер за надворешни работи. Од 1984 до 1989 година членувал во заедничкото претседателство на Југославија, чиј претседател бил од 1987 до 1988 година.Мојсов пишувал и предавал на тема меѓународни односи. Негова најнова книга е „Мемоарски записи, средби, луѓе, настани. Kн. 1, Советски и американски лидери во соработка и конфронтација: (од Хрушчов до Елцин и од Никсон до Kлинтон)“ од 2006 година. Лазар Мојсов почина во Белград на 25 август 2011, на 90-годишна возраст. Погребан е во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград.


Од последното интервју на Ќосиќ:

Мирот е единствениот услов на нашето постоење

Во своето последното интервју за еден белградски неделник, Ќосиќ меѓу другото говори за неговото последно дело „Време на смртта“, кое требало да се појави во книжарниците по повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна. Само еден месец по објавувањето на интервјуто, човекот што се сметаше за идеолог, кој ги реафирмира големосрпските идеи, го напушти овој свет. Во последното интервју тој повторно ја споменува војната, но овој пат во улога на „миротворец“.
– Нема повеќе војни за Србите. Ние не смееме повеќе да војуваме. Немаме ниту биолошки ниту патриотски потенцијал. Верувам дека мирот е единствениот услов на нашето постоење. Треба да се прават компромиси ако сакате да го зачувате мирот.