Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголемата европска економија од први март ги отвора вратите за работници надвор од ЕУ

Германија има потреба од повеќе од еден милион квалификувани работници, а за да можат да ги приспособат на тамошните услови, германските власти најавија дека ќе започнат низа мерки за интеграција на работниците, почнувајќи од административни поволности до учење на германскиот јазик

Масовен одлив на работници од земјава очекуваат работодавците од први март, откако во сила стапуваат новите правила за доселување стручни лица. Новиот закон ги проширува можностите за квалификуваните работници од земјите што не се членки на Европската Унија да се вработат во Германија.
Со измените државјаните на земјите што не се членки на ЕУ може да престојуваат во Германија до шест месеци ако бараат работа. Досега престојот беше ограничен на три месеца.

Со новиот закон се поедноставени процедурите за признавање на дипломите на доселениците од трети земји, со што ќе се скрати времето на чекање за издавање официјална потврда и нострификација на дипломите.
Германија е главна дестинација за македонските работници, кои сè почесто се одлучуваат да ја напуштат земјава и да најдат работа во странство, незадоволни од домашните состојби.

Порано вработување во ЕУ со бугарски пасош, сега може и без пасош на земја од ЕУ

Претходно повеќето македонски граѓани на таков чекор се решаваа откако ќе извадат бугарски пасош, бидејќи тој им овозможуваше непречено да работат во земјите од ЕУ, додека сега немаат потреба од тоа, бидејќи германските власти ќе им овозможат вработување на квалификуваните работници и без пасош од земја членка на ЕУ.
– Чекам од 1 март да се олесни влезот во Германија и да побарам работа таму. Не сум вработен, но имам искуство како заварувач. Тука одвреме-навреме ќе фатев понекоја работа приватно, но ниту сум здравствено осигурен, ниту, пак, ми тече стаж. Имам семејство и во прво време ќе заминам сам, додека се снајдам, а потоа ќе го повлечам и семејството – вели Богдан Станоевски, занаетчија.
Тој додава дека на неговата одлука најмногу влијаела состојбата во државата, која од ден на ден во делот од вработувањата, работни места, економскиот раст, платите и стандардот, тапка во место.

– Што да очекувам? Работам за 200-300 евра, некогаш има работа, некогаш нема… Се случува и да изработам нешто, па потоа не ми плаќаат и чекам со месеци да ми се исплати сработеното. Ужасно ми е, па затоа сакам да одам во Германија, Германците се многу педантни и кај нив сè е регулирано, од дневници, работни саати, прекувремен труд… – нагласува Станоевски.

И работодавците во државава сериозно загрижени за најавата за одлив на работна сила

Загрижени од одливот на работна сила се и работодавците, кои велат дека повеќе не можат да најдат ниту обичен продавач.
– Имам дуќан за бои и лакови. Момчето што работеше кај мене си замина во Германија и сега не можам да најдам човек да работи – вели приватен претприемач од Скопје.
Од разговорот со неколку сопственици на кафеани добиваме информација дека сериозно се судираат со недостиг од кадар, како што се готвачи и келнери. Особено тоа доаѓа до израз пред и за време на туристичките шпицеви во зимскиот и летниот период. Земјава во сè поголем број ја напуштаат занаетчии, медицински персонал, возачи, ИТ-кадри, буквално од сите професии.

– Проблемот со одлив на професионални возачи е присутен и последните четири години имаме особено засилен одлив кон Белгија, Чешка, Словачка, Словенија, Германија и други држави. Со олеснување на процедурата за ангажирање работници што не се од земјите на ЕУ во Германија се очекува оваа појава да се зголеми и да предизвика поголем колапс кај превозните трговски друштва што вршат јавен превоз на стока и патници, доколку не се преземат соодветни мерки од страна на надлежните органи во нашата држава – вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата „Макам-транс“.

Таа додава дека е можно во нивниот сектор да се јави голем недостиг од возачи, поради што бара од надлежните да овозможат преквалификации и брзи обуки на младите лица за да можат да бидат ангажирани како возачи.
– Паралелно со брзите доквалификации како превентивна мерка, баравме да се врати во стручните средни школи насоката возач, бараме да се доделат и грантови и кредитни линии со ниски каматни стапки за набавка на нови товарни возила – нагласува Муратовска.

ИТ-секторот се разликува од сите други во државава и дава надеж

Од своја страна, од секторот за информациско-комуникациски технологии (ИКТ) сметаат дека имаат неограничен потенцијал и бележат константен раст на вработувањето, додека вработените се едни од најплатените професионалци.
– Засилено работиме да ја издигнеме оваа индустрија на ниво каде што кадрите ќе ги имаат сите поволности дома и ќе го намалиме одливот надвор – посочуваат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Оттаму очекуваат поддршка од страна на институциите, во насока на создавање позитивна бизнис-клима во државата и директно влијание врз потребата да се иселуваат кадрите од земјава, преку создавање соодветна даночна стратегија поволна за поголем развој на ИКТ-индустријата и стратегија за нејзино унапредување.

Повеќе од неопходни се мерки за задржување на работната сила

Бизнисмените стравуваат дека од март ќе дојде до уште поголем одлив на квалификувани работници, бидејќи тие се во потрага по повисоки плати, иако тврдат дека се подобруваат условите за работа во земјава.

– Тоа го покажуваат примерите на враќање работници од одредени земји со образложение дека не биле задоволни од условите што им се даваат таму или поради повисоките трошоци за живот. Од страна на домашните компании се предложени повеќе мерки за задржување на кадарот, почнувајќи од јакнење на свеста за тоа дека со средно стручно образование може да се најде добра работа, па до подобрување на условите за работа – смета Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.

Германија има потреба од повеќе од еден милион квалификувани работници, а за да може да ги приспособат на нивните услови, германските власти најавија дека ќе започнат интеграција на работниците, почнувајќи со учење на германскиот јазик.

Германија е главна дестинација за македонските работници – Фото: Игор Бансколиев

Услови под кои ќе може да се бара работа

Пред да се поднесе барање за виза, заинтересираните мора да имаат официјално признавање на нивната професионална квалификација, издадена исклучиво од страна на официјални институции. Откако ќе се добие официјалното решение за признавање на квалификацијата, стручните лица може да поднесат барање за виза за да одат во Германија и да прифатат понуда за работно место, за кое ја имаат соодветната квалификација. Во случај ако германските институции ја признале квалификацијата само делумно, заинтересираните може да добијат виза што ќе се издаде со намена за усовршување и квалификување во Германија. Под одредени услови, тие може и да работат за време на периодот на усовршување. Лица што располагаат со доволно добри познавања на германскиот јазик и финансиски средства за намирување на животните трошоци, може да поднесат барање за наменска виза за барање работа. Таа виза важи шест месеци.

Ученици со завршено средно образование, не постари од 25 години, може да одат во Германија за период до шест месеци, за да аплицираат за место за стручно образование, ако врз основа на нивната диплома од училиштето имаат право на високо образование, поседуваат добри познавања на германскиот јазик (ниво Б2) и располагаат со доволно финансиски средства за покривање на животните трошоци.
За стручни лица постари од 45 години ќе важат малку поинакви правила. Ако тие одат во Германија за да работат, мора да достават договор за работа со одредена минимална плата или доказ за соодветни пензиски примања.