Најмалку два момента треба да ја кренат тревогата на повисоко ниво. Едниот е појавата на овој вирус во Германија, а вториот се кинеските туристи, но и кинеските работници во Македонија и во Србија, кои по Кинеската нова година ќе се вратат во регионот, објаснуваат упатените, откога и СЗО ја ревидира својата оцена за заканата на меѓународно ниво од умерена на висока

Македонија не е држава што може мирно и од дистанца да го следи развојот на настаните со коронавирусот, туку е подрачје со голем ризик за ширење на вирусот, тврдат упатените, објаснувајќи дека најмалку два момента треба да ја кренат тревогата на повисоко ниво. Едниот со појавата на овој вирус во Германија и вториот со кинеските туристи, но и со кинеските работници во Македонија и во Србија, кои по Кинеската нова година ќе се вратат во регионот.
Освен тоа, загрижува и информацијата дека новиот коронавирус може да го шират и пациенти што се инфицирани, а не се свесни за тоа, зашто се во фаза на инкубација и немаат симптоми.

Овие предупредувања добија поткрепа и од Светската здравствена организација (СЗО), која прексиноќа ја ревидира својата првична процена. Имено, СЗО прво ја оцени заканата од новата форма на коронавирусот во Кина на меѓународно ниво како умерена, за потоа да ја преквалификува во висока.
Во јавноста се поставуваат и дилеми како би се дијагностицирал сомнителен случај на заразен од коронавирус, односно дали во лабораторијата на Институтот за јавно здравје може да се прецизира постоење на новиот вирус.
Сепак, епидемиолозите смируваат дека засега нема доволно информации во која мера асимптоматските случаи на новиот коронавирус може да им го пренесуваат вирусот на други лица.

– За да се намали ризикот од внес и ширење на вирусот во земјава, Институтот за јавно здравје изготви препораки за патници. За патниците што доаѓаат од Кина, а немаат симптоми при влез во нашата земја се изготвени посебни препораки/упатства како да постапат ако развијат симптоми во рок од 14 дена по доаѓањето во Македонија – посочуваат епидемиолозите.
Од пред два дена на скопскиот аеродром се присутни екипи на Центарот за јавно здравје со термална камера, која треба да регистрира дали некои патници што долетуваат од Дубаи или од Истанбул имаат висока температура и други симптоми на коронавирусот.

Инаку, кинеските здравствени власти во меѓувреме потврдија дека вирусот се пренесува и од човек на човек. Клучно прашање е колку лесно се пренесува и дали потоа мутира и се приспособува. Потврдено е дека вирусот првпат е регистриран на затворениот рибен пазар во Вухан, каде што се продаваат и диви животни. Најверојатно, вирусот се пренел преку директен контакт од животно на човек (зооноза) или како и многу други микроби, едноставно преку воздух. Зооноза е можна и преку храна, при консумирање месо или други животински производи, ако истите тие не се добро термички обработени или се приготвени во нечисти услови.
Последните информации се дека во Кина досега се потврдени над 4.500 заразени лица, а 106 лица веќе починале како последица на вирусното заболување.