Фото: Игор Бансколиев

Македонија во 2018 година имала најмал наталитет во својата историја. Статистичките податоци се поразителни од година на година. Покрај малиот број на новородени деца, расте и бројот на оние што се иселуваат. Експертите предупредуваат дека со ова темпо Македонија за неколку децении ќе стане држава на стари луѓе.

Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца.

Со тоа се наметнува прашањето дали Македонија има сериозна стратегија за зголемување на наталитетот или, пак, сите иницијативи за некакво подобрување или стимулација за планирање повеќедетни семејства се парцијално градени од политички причини?

Демографот Дончо Герасимовски вели дека веќе две децении е познато дека наталитетот во земјава сѐ повеќе се намалува. Истата состојба, можеби и полоша, според него, се случува и во соседните балкански земји, како Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.

– Најголемиот пораст на наталитетот го прави скопскиот регион, полошкиот, како и североисточниот дел, и тоа најмногу кумановскиот и липковскиот дел. Другите региони во земјата имаат негативен наталитет. Причина за ова е иселувањето на младите, кои ја прават репродукцијата на населението, како и тоа што во едно семејство нема повеќе од три до четири деца, односно најголем процент од брачните партнери создаваат најмногу до две деца – објаснува демографот Герасимовски.
Тој вели дека демографската слика на Македонија се менува, а речиси ниту една институција во земјата не презема големи чекори за тоа.

– Проблем е и тоа што во нашата статистика не се бројат оние деца што се раѓаат во странство и не се знае за нивното етничко потекло – додава демографот.

Според Герасимовски, најпрецизен одговор е дека негативното салдо во природниот прираст на населението е последица на паралелно поместување на просечната возрасна граница за склучување брак и за раѓање прво дете, на нееднаквата можност за вработување и нископлатените и несигурните работни места, на трендот на масовно отселување на репродуктивното население, кое е и млад високообразован кадар.

Сепак, останува дилемата зошто никој во Македонија не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет. Дали причините за овој тренд се од глобален карактер, тенденцијата на сѐ помалку склучени бракови, малудетни семејства, или пак одлучувачки фактор се економската (не)моќ на населението и иселувањето?

Социолозите велат дека врз одлуките за родноста и планирање на семејството влијаат актуелните и потенцијални фактори, како што се пристапот до социјална и здравствена заштита, нивото на сигурноста од финансиска независност (дали се вработени, на каков тип договор, во која дејност, со колкав семеен буџет), можноста за школување, за домување, како и бројноста и квалитетот на домаќинствата.
Илија Ацески, професор по социологија, вели дека ваквата состојба со драстично опаѓање на наталитетот во земјава била предвидена од демографите пред триесетина години. Тој смета дека повеќе фактори што се испреплетуваат се пресудни за падот на наталитетот во Македонија.

– Ако сиромаштијата беше база за создавање деца, сега веќе не е така. Факторот иселување на младите, процесот на модернизација, односно напуштањето на традиционалните вредности се рефлектира врз младите да не склучуваат брак пред 30-тата година од животот. Тука е и технолошката револуција, со која младите излегуваат од локалните рамки на дејствување, можноста за правење кариера итн. Поддршката од институциите, пак не е присутна. Веќе е создадена друга матрица на вредности – објаснува Ацески.

Според професорот, државата треба да создаде стратегија за опстанок на природниот прираст на населението.