Македонија се наоѓа на 77 место, според најновиот индекс за демократија за 2019 година, во којшто се анализирани 167 држави.

Извештајот „Година на демократски назадувања и народни протести“ го објави британскиот весник „Економист“, а рејтингот се заснова на комбинација на експертски оценки и резултати од анкети во опфатените земји.

Како што се наведува, анализирани се пет клучни показатели кои укажуваат на состојбата на демократијата во државите: изборниот процес, транспарентноста на власта, учеството во политичкиот живот, политичката култура и нивото на граѓанска слобода.

Во извештајот земјите се делат во четири категории, според типот на режим на: целосна демократија, нецелосна демократија, хибриден режим и авторитарен режим.

Помеѓу земјите од регионот, на листата Македонија (77 место), заедно со Албанија (79), Црна Гора (84) и БиХ (102) се наоѓа во категоријата хибридни режими.
Србија, Хрватска и Словенија се оценети како нецелосни демократии и се позиционирани на 66, 59 и 36 место.

На врвот на Индексот на демократија на „Економист“ прва е Норвешка, зад неа се Исланд, Шведска, Нов Зеланд и Финска, додека на последното место е Северна Кореја.

Индексот на демократија се изработува од 2006 година.