Министерството за одбрана на Република Македонија и САД започнаа со размена на најдобри практики во доменот на кибер безбедноста и изградбата одбранбени капацитети во оваа област.

Како што соопшти Министерството за одбрана, целта е да се зголеми интероперабилноста и да се спречи негативното влијание врз демократските процеси на двете земји.

– Според новиот Стратешки одбранбен преглед на Министерството за одбрана, кибер просторот станува цел на растечки закани во светот, но и кај нас. Согласно овој стратешки документ неопходно е Република Македонија да развие сопствени капацитети со кои ќе се справува со ваквите закани, ќе ги открива и навреме ќе ги спречува, наведува Министерството за одбрана.

Одбранбената соработка меѓу Република Македонија и САД е дел од неодамна објавената стратегија на САД за кибер одбраната која предвидува соработка со сојузниците и партнерите со цел размена на информации и јакнење на капацитетите во оваа област.