Годинава првпат, поради пандемијата на коронавирусот, државните прослави за празникот Илинден ќе се одвиваат по специфични протоколи за безбедност и заштита

Македонија го слави идеалот на многу генерации за независна и самостојна држава. Но дали 117 години по Илинден и 76 години по АСНОМ, сегашните генерации ги оправдаа или ги изневерија идеалите на илинденците и на асномците? Колку македонскиот сон за посебна држава е поставен на вистински и здрави основи? Ако се анализираат овие дилеми, многумина ќе извлечат различни заклучоци. Од тоа дека идеалите не само што се оправдани туку се и надградени со тоа што Македонија денес како независна држава е членка на НАТО и на почеток од преговори со Европската Унија, па до тоа дека денешната генерација ги изневерила идеалите на илинденците дозволувајќи негирање на националниот идентитет и промена на името на државата.

Македонските мечти за слободна и независна држава се собрани во еден ден, Илинден, 2 Август. И 1903 година и 1944 година се годините кога повикот за слободна македонска држава и чувството на асномскиот дух подготвен за борба во победа ги обележуваат и Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Токму симболот на Илинден е историски датум на кој се поставени темелите на македонската државност.

Историчарите се согласни дека воскреснувањето на идејата за независна држава и своја самостојна православна црква е неразделен дел од опстојот на посебноста на македонскиот народ.
Според нив, Илинден како национален празник наедно е и темел на македонскиот државно-црковен континуитет.

– Идејата за создавање своја држава уште од 1903 година, со Илинденското востание и Крушевската Република, во себе ја има и идејата за возобновување на својата Македонска црква, наследничка на Охридската архиепископија. Црквите за време на Илинденското востание често биле место каде што востаниците добивале поддршка за својата идеја. АСНОМ, пак, во 1944 година е продолжение на оваа идеја и реализација на сонот за своја држава, тогаш во рамките на Југословенската Федерација, а наедно е и силен промотор и поддржувач на црковниот одбор за создавање православна црква на територијата на Македонија по Втората светска војна, што резултира со нејзино создавање во 1958 година и прогласување автокефалност во 1967 година. Со создавањето своја држава и црква, македонскиот народ го остварува сонот за зацврстување на својата самобитност и посебност на овие балкански простори – објаснуваат историчарите.

Затоа постојано нагласуваат дека Македонија и МПЦ се заеднички столб на националниот идентитет на Македонците.
– По првото заседание, АСНОМ продолжува да работи како прва влада на македонската држава, потоа следуваат други заседанија, на кои се нудат важни одлуки за развојот на државата. Едно од нив е да се основа и првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ – велат историчарите.

Оваа година повторно на три локации, по повод 2 Август, Илинден, на Мечкин Камен во Крушево, на Пелинце и во Скопје, јавноста ќе ги слушне пораките од претставниците на државниот врв испреплетени со историја, минато, сегашност и иднина. Но годинава првпат, поради пандемијата на коронавирусот, државните прослави ќе се одвиваат по специфични протоколи за безбедност и заштита.

Содржините на програмите за одбележување ќе бидат сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања, но без традиционалната културно-уметничка програма и без масовни народни собири на граѓани на отворено и во угостителските објекти.

Претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот центар во Пелинце, а неизвесно е дали претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ги предводи настаните во Крушево, на Мечкин Камен, поради неговата здравствена состојба и неговото болничко лекување.
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, ќе се обрати на свеченоста во Скопје.


Одлуките на АСНОМ државен темел

На Првото заседание на АСНОМ се донесени повеќе решенија и одлуки што ја конституираат и правно македонската држава. Меѓу нив е решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело, како највисок орган на државната власт, како и декларацијата за основните права на граѓаните, нешто како Устав на македонската држава. На АСНОМ е усвоено и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, со што се поставуваат темелите на македонската јазична посебност и решението за прогласување на Илинден, 2 Август, за државен и народен празник, кој и денес се слави во таа форма.
Од заседанието е упатен Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ.

[email protected]