Македонија денеска го одбележува Денот на сесловенските просветители и учители или Денот на светите солунски браќа Свети Кирил и Методиј.

Во 11-ти век Црквата го прогласила 24 мај (11-ти мај по стар стил) за ден на светите просветители, Кирил и Методиј.

Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св.Богородица во Скопје, а традиционално на овој празник во Македонија се доделуваат награди, се одржуваат концерти и културни настани.

Честитка до македонските граѓани упати и претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Овој државен празник со кој им оддаваме почит на основачите на првата словенска азбука, зазема значајно место во историјата како на македонскиот, така и на словенските народи. Нивните дела и нивната работа се издигнува над самите нив како учители, затоа што тие биле водени од многу повисоки идеали. Преку описменувањето и просветувањето, на народот му дале орудие за издигнување над времето – се наведува во честитката.