Последните најави и вложувања во воздухопловната инфраструктура на големите (спротивставени) воени фактори Русија и НАТО, во близината на Македонија, односно изградбата на бази во Србија и во Албанија, ги активираа старите одбранбени механизми за претпазливост и прашањето дали македонското небо и територија би можеле да бидат евентуална колатерална штета или терен за битка на интересите на титаните

Со добивањето на поканата за членство во НАТО и ратификацијата на протоколот во четири парламенти на земјите-членки, од 29-те во Алијансата, Македонија зачекори кон тој воен сојуз, но, и покрај таквата теоретска заштита од моќните партнери во сојузот, не може да се пренебрегне територијалната поставеност на земјата во која се вкрстуваат некои традиционални стратегиски интереси и борба за доминација на влијанијата на големите стратегиски играчи на воено-политичката сцена. Токму тие големи стратегиски играчи веќе спроведуваат или најавуваат зацврстување на одредни нивни воени упоришта, бази или воени аеродроми околу Македонија.

Сето ова остава простор за развој на разни воено-стратегиски теории и ја става Македонија во своевиден сендвич помеѓу бази и аеродроми на НАТО во Албанија и исто такви во Србија, зад кои се препознаваат руско влијание и интереси.

Познат е фактот дека од август 2010 година на аеродромот во Ниш се стационирани руски авион и два хеликоптера, со официјална причина за гасење пожари во Србија и во околината. Покрај тоа, на воениот аеродром во Ниш е стационирана и хеликоптерската база на српското воено воздухопловство, а во последно време се појавуваат полуофицијални информации за проширување на намената и капацитетите на овој аеродром и негово прераснување во своевидна воздухопловна база. Уште стационирањето на руските воздухоплови во Ниш, во 2010 година, иако со цивилна намена, го подигна степенот на внимателност на НАТО-сојузниците за можноста од проширување на руската воена инфраструктура на југот од Србија, многу блиску до границата со Македонија. Па и актуелните, иако полуофицијални, информации за проширување на капацитетите и инфраструктурата на воздухопловната база во Ниш, во извесна мера се засновани токму на таа претпазливост на НАТО од руското влијание во регионот.

Од друга страна, сосема е извесно дека НАТО ќе вложи 51 милион евра во обновување на запуштената воздухопловна база во Албанија, во местото Кучова (60 километри јужно од Тирана), со што ќе стане главна воздухопловна база на Северноатлантскиот сојуз на Западен Балкан. И таа воздухопловна база е речиси на толку блиска оддалеченост од македонската граница со Албанија, како и онаа во српски Ниш.

Таквите инвестиции во воздухопловната инфраструктура на големите (спротивставени) воени фактори во близината на Македонија ги активираа старите одбранбени механизми за претпазливост и прашањето дали македонското небо би можело да биде колатерална штета, или терен за воздухопловна битка на интересите на титаните.

– Колку за почеток, да ни биде јасно – ние сме премала држава за таков воен интерес на големите сили. Главна преокупација и цел на интерес на големите воени сили се ракетните системи, аеродромите, складовите со муниција…, а ние го немаме тоа. По последните случувања со нашата држава, по кои Македонија де факто е со „една нога“ во НАТО, веќе не може да биде колатерална штета. Штом сме во НАТО, територијата на Македонија, како централна територија на Балканот, мора да биде заштитена од НАТО. Во случај да има некакви случувања предизвикани од воени дејства или маневри од трета страна, Македонија како дел од НАТО, веќе нема да биде колатерална штета, како во 1999 година за време на косовската криза. Како дел од Алијансата, секое дејствување од воена природа на територијата на Македонија би било напад на НАТО-цели и терминот „колатерална штета“ веќе нема да се користи. Со влезот во НАТО, важноста на оваа територија е зголемена и мислам дека и во Македонија наскоро Алијансата ќе инвестира во изградбата на магистралата север-југ, исто како и исток-запад. Верувам дека ќе се инвестира и во најдоброто воено вежбалиште во Европа, на нашиот Криволак, а не е исклучено НАТО да го поддржи и проектот за пловен Вардар – смета Митре Арсовски, воен аналитичар и пензиониран генерал на АРМ. 


Вулин: Србија има најмодерна флота на ловци

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин вели дека по ремонтот и модернизацијата на четирите белоруски авиони „миг-29“, за кои вчера беше извршено примопредавање, воздухопловните сили на српската војска ќе имаат 14 ловци на ниво на 4+ генерација, со што земјата ќе има, како што рече, „апсолутно најмодерна флота на ловци од 1987 година“.
– Ние никогаш не ќе можеме да се споредиме со Русија или Америка и не ни е потребно тоа. Но за наши цели, за регионот, ќе имаме апсолутно најмодерна флота на ловци од 1987 година, кога последен пат ја обновивме – изјави Вулин. Тој уште додава дека во текот на годината во Србија треба да пристигнат од Русија три нови хеликоптери „ми-17“ и четири хеликоптери „ми-35“, додека Ербас треба да достави девет хеликоптери „Х-145“, од кои пет се наменети за српската војска, а четири за Министерството за внатрешни работи. Оваа година Србија ќе биде домаќин на големата вежба „Словенско братство“, на која ќе учествуваат руската, белоруската и српската војска.