На вчерашниот Светски ден за борба против дебелината (односно на опасностите од прекумерната телесна тежина), Светската здравствена организација обелодени фрапантни и вознемирувачки сознанија дека дебелината од 80-тите години на минатиот век, во земјите од ЕУ, но и во Македонија, трикратно се зголемила.
Особено загрижува фактот што 75 отсто од заболените од прекумерна тежина не се свесни за својот проблем, додека секој петти не презема никакви мерки за лекување. Дебелината е една од најголемите јавни здравствени грижи на 21 век, хронична болест од која на светско ниво страдаат 650 милиони возрасни лица

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека дебелината од 80-тите години на минатиот век во земјите од ЕУ, но и во Македонија, трикратно се зголемила, а особено загрижува фактот што 75 отсто од заболените од прекумерна тежина не се свесни за својот проблем, додека секој петти не презема никакви мерки за лекување.
Имено, механизмите што ги поседува државата овозможуваат таа директно да влијае врз пристапот до здрава храна, а истовремено храната богата со соли, шеќери и маснотии да ја направи поскапа и понедостапна за луѓето, особено за детската популација.
Дури 31 процент од машките деца и 29 проценти од девојчињата во Македонија имаат телесна тежина поголема од предвидената за нивната возраст. Од нив, 16 отсто од машките и 13 отсто од девојчињата се дебели. Ова го потврдуваат статистичките податоци за нутритивниот статус на децата на возраст од седум до осум години од Институтот за јавно здравје.

– Кога сум во училиште обично родителите ми даваат џепарлак да си купам нешто за јадење, а најчесто тоа се хамбургер и „кока-кола“, бидејќи тој оброк најдолго ме држи сит. Понекогаш и од дома носам сендвич, но почесто купувам, бидејќи блиску до училиштето има сендвичарница – вели Оливер К., средношколец во едно скопско училиште.
Од своја страна и дел од родителите признаваат дека на некој начин се виновни за лошите навики на своите деца.
– Не сме доволно упорни во убедувањата на децата да внимаваат на исхраната. Наместо да им приготвиме здрав оброк што ќе го понесат во училиште, полесно ни е да им дадеме 200 денари да си купат што сакаат, а најчесто нивниот избор се сендвичите бидејќи речиси до секое училиште има по две-три сендвичарници, така што дури и да сакаат, немаат можност да купат здрава и свежа храна – вели Ангел Димовски, родител на средношколец.

Македонските граѓани денес се трипати подебели отколку во 1980-тите години – Фото: Игор Бансколиев

Здравствените работници велат дека дебелината станува сериозен проблем во општеството, особено што се јавува уште од помала возраст.
– Дебелината, не само кај возрасните, туку и кај децата, станува сè поголем проблем. Имаме флуктуации во бројката на дебели луѓе, но не се намалува оваа бројка. Проблем е што таа бројка на дебели кај возрасните и кај децата се одржува, а не паѓа – вели докторот Игор Спироски од Одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот за јавно здравје.
Според него, врз појавата на дебелината во најголема мера влијае генетскиот фактор, но и животниот стил на луѓето.
– Врз генетиката не можеме да влијаеме, но она врз што можеме да влијаеме е нашето однесување. Покрај тоа, потребна е акција и на заедницата, поточно носителите на одлуки или властите да им овозможат на граѓаните места каде што ќе можат да пешачат, да возат велосипеди, да престојуваат во природа и сето тоа да не ги чини пари – истакна Спироски.
Тој уште додава дека државата може да помогне во намалувањето на бројот на дебели луѓе во земјава.

– Треба да се искористат искуствата од земјите што успеале да го намалат бројот на дебели луѓе. Државата може да ја намали достапноста до храната богата со сол, шеќери и маснотии или да ја поскапи, а од друга страна, треба да ја стимулира употребата на здрава исхрана. Кај нас малку се прави на ова поле. Започнавме со некои проекти за здрава исхрана во градинките и основните училишта, но тоа е само почеток, потребно е уште многу работа – вели Спироски.
Дебелината е една од најголемите јавни здравствени грижи на 21 век, хронична болест од која на светско ниво патат 650 милиони возрасни лица.