Годинашен добитник на наградата „еми“ во категоријата најдобра техника на режија, работа со камера и видеоконтрола на серијали е скопјанецот Олег Секуловски, кој деновиве престојува во Македонија.

Емисијата за која ја освои престижната награда се вика „Вечерно шоу – караоке со познатите 2019“, која претставува компилација од делови на други сериски емисии.
Станува збор за годишни награди „еми“ што ги доделува Американската академија на телевизиски уметности и науки, а церемонијата на доделување се одржала на 22 септември во „Мајкрософт театар“ во Лос Анџелес, Калифорнија.
– Ова е моја прва награда „еми“, но четврта номинација – појаснува Секуловски.
Тој раскажува како кај него се родила љубовта кон снимањето и техниките поврзани со оваа вештина.

– Роден сум во Скопје. Кога бев мал, татко ми беше снимател на свадби и јас почнав да го следам и да му помагам. Од него научив да снимам видео и да фотографирам. Кога отидов во Америка, во 1990-тите години, продолжив со студиите во видеопродукција и почнав да работам во мали телевизиски станици. Кариерата ја продолжив во 2000 година, кога се преселив во Лос Анџелес. Тогаш главно работев на вести, но сега главно работам на забавни емисии и спортски преноси – вели Секуловски.
Тој додава дека неговата работа е комплексна и од неговата вештина зависи финалниот изглед на целиот продукт.

– Мојата работа е дел техничка и дел уметничка. Во техничкиот дел јас сум одговорен за целиот технички изглед, целата опрема во студиото и целата техничка екипа што го спроведува преносот. Во уметничкиот дел јас сум одговорен за видеоефекти, графички презентации и општиот естетски изглед на сликата – појаснува Секуловски.
Тој деновиве престојува во Македонија, во чест на 70-от роденден на неговата мајка, а наградата им ја посветува на своите родители.

– Пред две недели дојдов во Скопје на посета и да го прославам 70-от роденден на мајка ми. На прославата ја претставив статуетката „еми“, која им ја подарувам на моите родители како знак на благодарност – нагласува Секуловски.
И покрај ангажманот во САД, тој не ја отфрла можноста во иднина да се врати во својата земја и да ги пренесе искуствата што ги стекнал.
– Се надевам еден ден ќе можам да дојдам во Македонија и да придонесам со искуство и експертиза во телевизиските уметности – вели Секуловски.