СДСМ најави дека во секоја изборна единица ќе оди со двајца носители на листи – маж и жена.
– Ќе имаме двајца носители на листи, двајцата паралелно ќе го покриваат теренот. Тоа е еден нов квалитет, освен бројката од 50 отсто жени, ќе имаме по една носителка на листа жена и по еден маж носител – најави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната заедничка прес-конференција со потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска во седиштето на СДСМ на тема „Родова еднаквост“.
Заев најави дека покрај него, и Шекеринска ќе биде носителка на пратеничка листа.
– Денеска ја продолжуваме постапката за пратеничките листи, се координираме со коалициските партнери. Можам да објавам дека јас и Радмила Шекеринска ќе бидеме носители на листи, а за другото ќе ги почекаме органите да одлучат – рече Заев, додавајќи дека на пратеничките листи, покрај докажаните кадри, ќе има и нови луѓе.

Од своја страна, Шекеринска посочи дека првпат претходно е направен политички договор со кој се овозможува во секоја изборна единица да настапуваат како тандем, како комбинација на маж кандидат и жена кандидат, или жена кандидат и маж кандидат.

– Со тоа сакаме не само визуелно туку и политички да ја испратиме пораката дека за да се промени државата на подобро, потребни се сите и дека на тој начин испраќаме порака и до девојчиња и до девојки и до момчиња и млади мажи, дека тоа е новата реалност што ќе ни донесе нов квалитет. Ќе имаме многу носители и носителки на листи, без разлика дали е некој прво или второ место, мислам дека тука сите покажавме дека позициите не ни се најважни, дека најважно ни е тоа што ќе го менуваме – истакна Шекеринска.