Фото: Маја Јаневска-Илиева

Посетата на папата Франциск на едно место соедини луѓе од различни држави, националности, но и религии. За време на мисата со која чествуваше поглаварот на Римокатоличката црква, на плоштадот „Македонија“ можеа да се забележат повеќе македонски, хрватски, словенечки и српски знамиња, како и националните обележја на Албанија, Бразил, Полска, Франција, Венецуела…

– Ние го следиме папата секаде каде што сме во можност да одиме. Патуваме во сопствена организација и јас веќе бев во околу 20 различни држави, следејќи ги посетите на папата Франциск, но и на неговиот претходник папата Јован Павле Втори. Патував во Германија, Шпанија, Италија во Полска… Во Скопје е убаво, ова е убав настан, но во детали на организацијата се забележува дека станува збор за прва ваква посета во државата – вели Ана од Сплит, која допатувала во Македонија заедно со своја пријателка.

Токму гостите од Хрватска и од Словенија беа најбројни меѓу странските посетители на мисата.

– Дојдени сме на плоштадот од шест часот изутрина. Ги следиме посетите на папата низ светот и патувањето од Словенија не претставува никаков проблем. Тука има околу стотина наши сограѓани. Јас претходно бев на вакви настани и во Шпанија, Полска и во Италија. Ми се допаѓа Скопје, како и самиот настан и ова е уште една добра прилика да се види папата Франциск – истакна Јанез од Љубљана.

Историската посета на Светиот Отец има големо значаење и за католичките верници од Македонија.

– Папата доаѓа во Македонија со порака што обединува, што треба да ги обедини сите религии. За мене како католик, оваа посета претставува личен благослов, но и благослов за народот и за земјата – порача верничка од Струмица.

При доаѓањето на папата беше забележлива возбуда, особено на помладите, кои во брзање се обидуваа да дојдат што поблиску до заштитната ограда за да го поздрават и сликаат поглаварот на Римокатоличката црква. Папата Франциск беше поздравен со извиците „вива папа“, „Христос воскрес“ на што присутните одговараа со „ваистину воскрес“ и „бог те сака“. При почнувањето на богослужбата џагорот стивна и верниците внимателно ја следеа проповедта. Мисата заврши со делење на причест. М.Ж.