Фото: Маја Јаневска-Илиева

МАКЕДОНИЈА ГО ПОДИГНУВА НИВОТО ЗА ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУСОТ

Во нашата држава засега нема нови пациенти тестирани на коронавирус. Единствената заразена пациентка е во добра здравствена состојба

Додека бројот на заразени од коронавирусот во европските земји расте, во Кина забавува благодарение на строгите мерки на карантин, македонските здравствени власти воведуваат нови мерки за подигнување на контролата на ширење на коронавирусот.
Новина е што патниците со авионите на „Визер“ од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе пополнуваат здравствена локатор-карта за полесно лоцирање на евентуални заболените лица.
Министерството за здравство следните денови ќе прави анализа и евалуација на состојбата со коронавирусот во земјата и ќе излезе со нова препорака, но апелира до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита и превенција од коронавирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека засега нема нови пациенти тестирани на коронавирус. Единствената заразена пациентка е во добра здравствена состојба.
– Се одлучивме за уште еден чекор, за подигнување на контролата на уште повисоко ниво, со што патниците со авионите на „Визер“ од Милано и од Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствена локатор-карта, која ќе овозможи добра контрола и следливост на патниците. Тие ќе остават податоци за тоа на која адреса престојуваат и доколку во некое сценарио по одреден број денови се јави некој патник со симптоми, многу лесно е да ги најдеме сопатниците, особено сопатниците што седат во согласност со препораките и алгоритмите неколку реда зад и пред тој патник во авионот – истакна министерот Филипче.
Според последните информации од европската канцеларија на Светската здравствена организација, во европскиот регион досега се регистрирани вкупно 3.365 пациенти заболени од коронавирус. Нови земји во кои е проширен вирусот се Андора, Летонија и Португалија. Во Србија, Косово и Албанија нема регистрирано пациенти. Во Грција има уште еден пациент заболен од коронавирус, со што сега се вкупно осум, од кои четири се во Солун, а четири во Атина.
Кина во последното деноноќие пријавила 38 смртни случаи, но и пад на бројката на новозаразени трет ден по ред, откако имало само 119 нови случаи. За разлика од Кина, во Италија има нови 428 случаи на коронавирус, како и уште 28 починати, со што вкупната бројка порасна на 80 случаи.