Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колку се навистина ефикасни и безбедни средствата за дезинфекција на рацете, чија масовна употреба драстично се зголеми во периодов кога државата функционира под превезот на пандемијата на коронавирусот? Неодамна проструи и веста дека во Европа се запленети големи количества средства за дезинфекција, кои не биле безбедни за употреба на граѓаните на ЕУ. Слични примери има и во нашата држава.
Новинската агенција „Ројтерс“ информира дека Канцеларијата на ЕУ за борба против измами (ОЛАФ) запленила над 140.000 литри средства за дезинфекција произведени во Турција.

Според соопштението на ОЛАФ, средствата биле опасни по здравјето за луѓето, бидејќи содржеле многу висок процент на метанол.
Употребата на средства за дезинфекција контаминирани со метанол може да предизвика главоболка, заматен вид, гадење и повраќање, губење на координацијата, па и слепило.
Од почетокот на пандемијата, ОЛАФ активно се бори против употребата на нелегални материјали поврзани со ковид-19. Станува збор за лажни или неквалитетни маски за лице, брзи тестови и средства за дезинфекција. Овие производи треба да ги штитат луѓето, а не да им наштетуваат. ОЛАФ досега разоткри повеќе од 900 компании вклучени во злоупотреби и измами, но списокот продолжува да се зголемува, изјави извршниот директор на ОЛАФ, Вила Итала.

Во меѓувреме, викендов МВР информира дека се приведени седум лица по претрес на 11 локации во Скопје, Битола, Тетово и во Куманово под сомнение дека вршеле продажба на лажни ковид-тестови и вршеле фалсификување документи поврзани со пандемијата.
Според МВР, Оддел за криминалистичка полиција, при претресите се одземени мобилни телефони, компјутери, мемориски картички, 118 бланко договори, 13 пополнети со различни податоци, четири негативни ПЦР-тестови, печати, факсимил од австриски нотари и друга документација.
Од друга страна, пак, меѓународната полициска организација Интерпол информира дека вакцините за ковид-19 и средствата за дезинфекција и превенција од ширење на вирусот во иднина ќе бидат област во која ќе функционираат криминалните организации и посочи дека државите треба да преземат мерки за превенирање на можните криминални ризици во оваа област.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека не е во нивна надлежност какви средства за дезинфекција се поставени пред влезовите на услужните продажни места и пред институциите и каков е нивниот квалитет. Посочуваат дека за тоа е одговорен тој што дозволува увоз за тие производи во нашата држава.
Во своја последна изјава на оваа тема, Магдалена Филиповска Грашкоска, претседателката на Инспекцискиот совет, вели дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) постапувал по пријава и на пазарот во земјата констатирал одредени количества производи што биле фалсификат на средствата за дезинфекција.
Стојко Пауновски, пак, директор на Пазарниот инспекторат, вели дека при контролите на овој тип средства во земјата, може да се каже дека немаме проблем од овој калибар каков што сега се соочува ЕУ.

– Во земјава во суштина средствата за дезинфекција во најголем дел се од домашно производство, а многу мал дел припаѓа од производството од странство, но најчесто само од земјите од непосредното соседство. Оттука сите контроли што досега биле спроведени во најголем резултирале со исправни средства за дезинфекција на рацете – вели Пауновски.
Од друга страна, речиси и да нема јавен простор, како продавници, кафулиња, ресторани или здравствени и образовни институции каде што на влезот нема поставено средства за дезинфекција на рацете на граѓаните. Повеќето од луѓето ја прскаат оваа течност на своите раце без да размислат што всушност има во шишето, мислејќи дека на овој начин направиле соодветна заштита и дезинфекција.
Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести вели дека генерално животот со пандемијата придонесува во моментов на пазарот да има огромна потреба од средства за дезинфекција од секаков вид.

– Тоа до одредена граница е нормално и се подразбира, но не секогаш средствата за дезинфекција се со состав каков што најчесто го пишува на етикетите на оние компании што ги произведуваат овие средства – вели Стојанов.
Тој објаснува дека во моментов средствата се „разводнуваат“ и го немаат вистинскиот состав што би требало во најголем дел да деконтаминира бактерии од нашите раце.
– Ние во минатото, пред пандемијата, сме вршеле разни истражувања поврзани со составите на овие средства, па дури и тогаш успевавме да најдеме одредени несовпаѓања со овие материи и нивните етикети за состав. Но тие во суштина не го рушат здравјето, туку едноставно не нѐ заштитуваат доволно од бактерии – вели Стојанов.

Според докторот, нашите институции генерално си ја вршат работата, тие го проверуваа сето она што се продава на пазарот и кога ќе се утврдат нерегуларности се отстрануваат, без притоа да се нанесе штета на здравјето на луѓето.
Тој сепак советува дека, во суштина, не може многу да им се верува на средствата за дезинфекција, а во вакви околности секогаш помага кога многу често ги миеме нашите раце.