Конкурентноста е најветувачкото средство за достигнување и осигурување на просперитетот – Лудвиг Ерхард

По Втората светска војна, германската економија лежеше во урнатини. Производството на храна по жител во 1947 година изнесуваше само 51 отсто во споредба со производството на храна во 1938 година. Индустриското производство во 1947 година беше само една третина во споредба со нивото од 1938 година, а голем дел од машкото работоспособно население загина во војната. Во овој период, некои од набљудувачите изразија мислење дека западногерманската држава ќе стане најголемиот клиент на Соединетите Американски Држави, меѓутоа десетина години по војната луѓето почнаа да говорат за германското економско чудо од Рајна.

Кон крајот на 50-тите години на 20 век, западногерманската држава имаше една од најсилните економии во светот, а невработеноста достигна рекордно ниско ниво од 0,7 до 0,8 отсто, во периодите 1961-1966 година и 1970-1971 година. Во периодот помеѓу 1951-1961 година, бруто-домашниот производ на Западна Германија се зголеми за 8 отсто годишно, двојно повеќе во споредба со Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Франција. И покрај некои привремени падови, економијата на западногерманската држава постојано растеше. По обединувањето на Источна и Западна Германија во 1990 година, Германија имаше една од најголемите економии во светот и беше светски лидер во трговијата. Во последните дванаесет години, канцеларката Ангела Меркел ја водеше Германија кон робустен економски развој и ниска стапка на невработеност.

Од нула до врвот

Денес германската економија е најголема во Европа и петта најголема економија во светот. Во 2019 година се очекува германската економија да создаде 4,2 трилиони долари, според номиналниот бруто-домашен производ. Од десет производи на светскиот пазар, еден производ е создаден во Германија. Всушност, германската економија создава производи што потоа се извезуваат и создаваат нови производи во други економии. Паметните телефони што се склопуваат во кинеските фабрики користат микрочипови произведени од германската компанија „Бош сензортек“, голем број роботи што ги склопуваат паметните телефони во Кина се произведени во Германија.

Германската економија има големи гиганти како „Сименс“, „Ауди“, БМВ, „Фолксваген“, „Адидас“, „Пума“, „Баер“ и др., меѓутоа главна карактеристика на германската економија се малите и средните компании, впрочем 99 отсто од сите компании во Германија се мали и средни претпријатија и најчесто се семејни бизниси. „Десма“ (Desma Schuhmaschinen GmbH) е типичен пример. Компанијата беше основана во 1946 година, а во 1970 година стана светски лидер во создавањето машини што произведуваат индустриски обувки. Денес со своите 220 вработени развива високоавтоматизирана опрема за производство и роботски решенија, кои потоа им се продаваат на производителите на обувки низ целиот свет. Во 2017 година, „Десма“ оствари продажба од околу 45 милини евра.

Што го предизвика економско чудо од Рајна?

Главната причина за брзото закрепнување на економијата на западногерманската држава лежи во ордолиберализмот, а ордолибералните идеи беа основата околу која се создаде германската социјална пазарна економија по Втората светска војна, проследена со економското чудо од Рајна. Ордолиберализмот беше развиен во Германија под нацистичка власт, а по војната беше пропагиран од страна на германското академско списание „Ордо“, кое беше главно место за научни дискусии на Фрајбургската школа. Долго време оваа теорија надвор од Германија им беше позната само на мал број експерти.

Ордолиберализмот, за разлика од другите либерални економски школи, акцентот го става врз спречување на картелите и монополите. Тој се залага за унапредување на децентрализираната координација на економските активности во рамките на правила и прописи што ѝ се спротивставуваат на која било форма на централизирање на државната интервенција, но истовремено давајќи им на јавните власти голема улога во дизајнирањето и трансформацијата на овие правила и регулативи. Државата мора да создаде соодветно правно опкружување за економијата и да одржува здраво ниво на конкуренција.

Политички, концептот на ордолиберализмот е поврзан со првата фаза на германската социјална пазарна економија од 1948 до 1966 година, бидејќи законодавството од тоа време регулира многу основни принципи на ордолибералните идеи.
Ордолибералниот модел во Германија го започнаа канцеларот Конрад Аденауер и министерот за економија Лудвиг Ерхард, подоцна исто така канцелар. Помошта од Маршаловиот план на различен начин ја искористија европските држави за обновување на економијата. За споредба, Шарл де Гол ја централизира француската економија, меѓутоа Конрад Аденауер се залагаше за воспоставување систем во кој владата треба да ги воспостави условите, а другите економски играчи да ги носат клучните одлуки. Оттука, синдикатите, регионалните влади и компаниите имаат важна улога во германската економија. Аденауер ги укинати контролните цени и ги намали даноците за малите и средните бизниси, вклучувајќи и за корпорациите. Исто така социјалното осигурување и пензиите се зголемија за да се обезбеди социјална основа. Приврзаниците на ордолибералните идеи изјавија дека овие политики доведоа до економското чудо од Рајна.

Основа на германскиот модел – образованието!

Германскиот модел лежи врз образованието, стабилната валута и синдикатите. Ордолибералните идеи во практика почнаа со валутната реформа и елиминацијата на контролата на цените, во период од неколку недели во 1948 година и намалувањето на маргиналните даночни стапки во 1948 година и во 1949 година. Германската валутна политика е спротивна од теоријата за девалвација на валутата, а како последен пример можеме да ја посочиме девалвацијата на јуанот, која беше преземена од страна Кина, за да се отстрани надворешната нерамнотежа во економијата, односно да се подобри состојбата во билансот на меѓународните плаќања. Западногерманската држава никогаш не ја намали вредноста на валутата. Оттука, во втората половина на 20 век германската марка стана една од најстабилните валути во светот. Поради непостоењето на девалвација, германските компании не можеа да конкурираат со ниски цени и се насочија кон иновации и квалитет. Денес германската држава има петнаесет пати помало население во споредба со Кина, меѓутоа германската економија во споредна со кинеската извезува повеќе отколку што увезува, односно продава повеќе производи отколку што купува.

ПИСА покажа сериозни слабости во перформансите на германските ученици во 2000 година, Германија беше рангирана на 21-то место во читање и 20-то место во математика и природни науки. Меѓутоа, германските ученици можеа да најдат работа веднаш по завршувањето на образованието. Оваа апсурдност се објаснува со системот за школување наречен двојно образование (Duale Ausbildung), кој им дозволува на учениците со стручна насока да работат во компанија и да учат во државно стручно училиште. Најголемиот дел од квалификуваната работна сила во Германија поминува низ двојниот систем за стручно образование. Околу 430.000 германски компании учествуваат во овој систем за образовање и околу 80 отсто од овие компании ги вработуваат учениците со полно работно време. Оваа практика создава високоспецијализирани работници, кои се добро обучени, флексибилни и високомотивирани.
Синдикатите во германската држава имаат многу голема важност. Германскиот синдикат има двојна улога, од една страна ја поставува рамката за услови за работа, како што се колективната плата и работното време, а од друга страна, преку совети, ги претставува работничките интереси на ниво на компанијата. Претставниците на локалните синдикати се демократски избрани од членовите на синдикатот и формално имаат голема автономија. Компаниите што имаат повеќе од 2 000 вработени мора да имаат синдикален претставник во бордот на компанијата. Германските синдикати имаат влијание при секое донесување на одлуките од страна на компаниите. Кога една германска голема или средна компанија сака да се насочи кон нов пазар или нов продукт, мора да ги праша акционерите и синдикатите.

Во краткиот осврт на германскиот модел може да се лоцира формулата за побрз, подинамичен и реален економски пораст. Сепак, во основата на сѐ е образованието, знаењето, вештините и силната посветеност на она што значи силна волја за национален просперитет (читај неуморна работа) на сите полиња на општественото живеење – од стопанството до спортот. Принципот на конкурентноста е најсилното средство за осигурување на тој просперитет.

Подготвил:
Далибор Станковиќ