Фото: Игор Бансколиев

ПАНДЕМИЈАТА НАМЕТНА ЕДНА ПОИНАКВА ДИСТАНЦА МЕЃУ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И ПАЦИЕНТИТЕ ШТО ТРАЕ ЦЕЛА ГОДИНА

Ваквиот превентивен начин на лекување останал од минатогодишната владина препорака, кога практично и почна пандемијата на ковид-19. Но какви се состојбите, искуствата и ефектите денес, една година потоа, од гледна страна и на пациентите и на лекарите? Колку се (не)задоволни и едните и другите и дали ваквиот начин на лекување го спречи ширењето на пандемијата? И, конечно, колку ваквото лекување на дистанца, кое го наметна пандемијата, е во духот на Хипократовата заклетва

Пандемијата на ковид-19 донесе и една нова практика на лекување и однос кон пациентите, што наидува на различни одгласи во јавноста. Имено, доста пациенти што заболеле од ковид-19 се жалат дека матичните лекари ги лекувале само по телефон, без да бидат повикани на преглед во нивната ординација. Само преку телефонски разговор докторите ги прашале за симптомите и ги упатувале во ковид-центрите. Откако таму им биле направени испитувања и рендгенски снимки на белите дробови, им било кажано да се тестираат. Некои добивале терапија само преку телефонска или онлајн врска со своите матични лекари. Од друга страна, најголемиот дел прележани ковид-пациенти сметаат дека ништо не може да го замени прегледот во живо, кој првпат им бил направен во некој од ковид-центрите наместо во матичните амбуланти.

Токму поради тоа и се создаваат метежи таму, а понекогаш некои болни чекаат со часови. Но лекувањето по телефон е практика, како што велат некои од матичните лекари, што останала од минатогодишната владина препорака, кога практично почна пандемијата на ковид-19. Оттогаш некои матични лекари не ја применуваат во практика, а други продолжуваат да работат на тој начин поради претпазливост за своето здравје и здравјето на своите блиски. И бидејќи нема ново известување и препорака, секој од матичните лекари си постапува по сопствено убедување. Но за граѓаните е дискутабилно колку ваквото лекување е ефикасно или може да доведе и до погрешна дијагноза, кога има симптоми што само се идентични на ковид-19, а не е тоа.
– Еве мене, на пример, ме лекуваа онлајн, никој не ме прегледа. Единствен контакт со здравството ми беше тој прв брис за тестирање, 20 дена во кревет, 11 дена температура, ивермектин три дози ,антибиотик, ксарлето итн. Сето тоа испиено на ало-контакт. Ми ѕвонат на телефон да ме прашаат дали сум пиела. На крајот боледувањето сестрата ми го фрли преку прозорецот, да не влезам во амбулантата. Прашав дали ќе ми дадат упат за тест, крвна слика…, ми рекоа: „Оди си приватно ако сакаш, кај нас заврши“. Ниту совет, ниту контрола, ниту збор за последиците – реагира Гордана Максимовска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слично искуство имале и други пациенти.

Но матичните лекари велат дека во ординација им доаѓаат и ковид-болни, од кои најпрвин барале според симптомите што ги имале да направат тест, за потоа, ако се негативни, да бидат прегледани.
– Мора по телефон да контактираме со некои. Ако дојдат сите во ординација, што ќе се случи, ќе се заразат и другите што доаѓаат за нешто друго. Поинаку не можеме. Ако дојде пациент во ординација и се жали дека има температура, веднаш го праќаме на тестирање, а ако се јави по телефон, му кажуваме најпрво да оди на тестирање, па и овие другите ги праќаме на тестирање, па ако се негативни, им правиме комплетен преглед. Доколку пациентот е позитивен на ковид-19, го праќаме на домашно лекување. Знаете, минатата година имаше препорака од Министерството за здравство само по телефон да се контактира со ковид-пациентите и можеби подобро по телефон да се јавуваат за да не ги заразат и другите. Но ако постапуваат најсовесно, најдобро е првин да ни се јават по телефон. Можеби се потребни повеќе ковид-центри, да се отворат и по амбулантите, па да бидеме и ние комплетно опремени со скафандери. Потоа добро би било кога во истите тие би имало и лаборатории, каде што веднаш ќе се направи крвна слика, ќе се измерат Д-димери, ќе се направи рендген и сѐ што треба, но вака некои ни доаѓаат во ординација, некои се јавуваат по телефон. Се трудиме колку што можеме да работиме во овие услови такви какви што се. И психолошки ги поддржуваме ковид-пациентите колку што можеме, бидејќи психолошкиот момент ни е многу важен – вели д-р Јованка Костовска од Здравствениот дом Скопје – Поликлиника „Бит-пазар“.

Нејзината колешка д-р Лилија Чолакова Дервишова, специјалистка по семејна медицина и претседателка на здружението на приватни лекари, смета дека мора да има и ковид-амбуланти или адаптирани простории во поликлиниките за преглед на ковид-пациентите.
– Минатата година на почетокот на март Владата пушти допис дека пациентите треба да се јават на телефон и оттогаш никој ништо не извести. Не е само коронавирусот, луѓето имаат и други болести, бубрежни, кардиоваскуларни… Од друга страна, пак, има матични лекари што исто така имаат хронични заболувања, колку матични лекари ни починаа. Знаете, некако сѐ беше хаотично организирано. Мора да се продолжи со работа, но потребни се и ковид-амбуланти, каде што ќе може да се направат сите испитувања, да не се дозволи пациенти да ни умираат по патиштата. Да се адаптираат посебни простории. Но министрите отсекогаш тешко ги прифаќале нашите сугестии, практиката го покажала тоа. Мора сите институции да си ја работат својата работа. Ние живееме од живи пациенти, не можеме да работиме по телефон, јас не ја почитувам наредбата, но има доктори што ја почитуваат ланската наредба. Наредбата беше од Владата со секој што има температура да се контактира по телефон, но практиката е нешто друго. Некому со притисок 230 со 130 како ќе му пуштиме инекција апауринлатикск, со далечинско? Како ќе чуете криптации ако не ставите слушалки.?Хаосот го направија луѓето од горе, не можат да поставуваат мерки каде што работат само матичните, а во Кризниот штаб нема матичен – вели Лилија Чолакава Дервишова.

Според нашите соговорници, ваквото лекување на далечина, по телефон, се практикува и има логика во телемедицината, но не е во духот на Хипократовата заклетва.
– Финска кога ги измислила телефоните, ги измислила поради тоа што има луѓе што се стотици километри далеку и таа телемедицина тука има логика, на Алјаска или некаде. Инаку, овде нема потреба. Телемедицината се користи повеќе кога некој е итно загрозен, па додека се носи со прва помош, во светот зборувам, да се користи за да се извести болницата каде што го носат да бидат подготвени за да му го спасат животот, но не да заврши лекувањето само преку тоа. Или кога некоја високоспецијализирана установа ги добива снимките, се прави ехо на пациентот или тој е некаде на 1.000 километри или којзнае каде во светот или за операција, па се праќаат снимките за да даде совет некој друг. Но да замени преглед на пациент сепак не, според мене. Сепак, треба да се види пациентот, да се направи разговор со пациентот и да му се даде психолошка поддршка. Матичните лекари се преоптоварени, па се жалеа како да не се дел од системот, не добиваа никакви награди, се жалеа дека немаат дури ни заштитна опрема.

Со пандемијава се најдовме затечени како да се однесуваме во оваа ситуација, кога пациентот има решение за изолација, може и самиот пациент да не сака да оди на преглед. Тоа е специфична состојба, но секаде каде што може да се прегледа, подобро е да се направи преглед. Според Хипократовата заклетва, тоа се подразбира, но кога таа била направена немало телефони- вели д-р Никола Пановски.
Се обидовме да дознаеме каква е состојбата во другите земји во однос на оваа проблематика. Ковид-болните и во други земји најпрвин се јавуваат по телефон.
-И кај нас во Шведска ако мора да посетиме матичен лекар поради некоја друга здравствена причина, одиме во ординацијата кај нашиот матичен лекар, но доколку имаме симптоми што укажуваат на ковид-19, тогаш се јавуваме по телефон. Доколку на ковид-пациент во домашни услови му се влоши состојбата, праќаат амбулантно возило и пациентот се упатува во соодветен центар. По телефон контактираме со матичните лекари и доколку ни се потребни некакви лекови, а потоа можеме да ги подигнеме во која било аптека – вели Никола Милановски, нашинец што живее во Шведска.

Во соседна Бугарија на пример пациентите најпрвин одат кај своите матични лекари, кои веднаш ги праќаат на тестирање и доколку тестот е негативен, пациентот добива комплетен преглед, во спротивно комуникацијата оди по телефон.