Просечно по 61 денар се издвојува дневно за оброк за станарите во студентските домови. На секој станар му следуваат по еден килограм свинско место и 472 грама говедско месо месечно. Ова го покажуваат анализите од истражувањата на Јуроп Хаус МОФ. Тие денеска ги презентираа двете истражувања за студентски стандард, и тоа: како се трошат средствата на Државниот студентски дом Скопје и Перцепции за корупција на станарите во ДСД – Крпен студентски живот.

Целта на овие две истражувања е да се види и утврди во колкава мера буџетот на ДСД и неговото трошење на ги задоволува потребите на станарите во Кузман Јосифовски – Питу, Гоце Делчев и Стив Наумов.

– Просечниот буџет на Државниот студентски дом Скопје изнесува 3,5 милиони евра, за десет месеци престој на студентите, плати за вработените и трошоци за функционирање на домовите. Уделот во буџетот за платите на вработените е речиси двојно поголем од трошоците на ДСД за храна на станарите. Од склучени вкупно 193 договори за јавни набавки 67 договори се за обезбедување на храна, ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, доаѓаме до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите. Ако набавената храна се спореди со вкупниот број на корисници на студентските мензи доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат 1 килограм свинско и 472 грама говедско месо месечно – вели Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ.

Предмет на истражување биле трите домови кои спаѓаат во Државниот студентски дом. Податоците покажуваат дека има пад во бројот станарите на Гоце Делчев, меѓутоа ова се должи на тековното реновирање на просториите, од друга страна Кузман Јосифовски – Питу има тенденција во пад на бројот на станари и без затворање на делови за интервенции и реновирање. Најголем дел од расходите на Владата во периодот кој се анализира се наменети за стипендиите за станарите, односно субвенционирани легла и исхрана.

Теренското анкетирање е направено во трите студентски домови, на скала од 1-5 квалитетот на живот е оценет со 2,5 а отскокнува оцената на станарите во Гоце Делчев 3,7. Најголем недостаток се забележува кај средствата и простории за учење како компјутери и читални.

Генерално станарите се незаинтересирани за начинот на работа на домовите. Животот во студентски дом го избираат токму поради ниската цена за домување, добивање на легло и оброци. Станарите велат дека поради низок степен на грижа и одржување на хигиена од страна на станарите – домовите се наоѓаат во состојбата во која се, но од друга страна за ова значително придонесуваат ниските средства со кои располага ДСД. 91 отсто од станарите никогаш не биле консултирани, околу 19 отсто немаат време а 18 отсто не се информирани како да се вклучат, не веруваат дека нешто можат да променат, а загрижува тоа што 10 отсто веруваат дека во донесување на одлуки се вклучени само оние студенти кои се блиски до раководството на домовите.

Од станарите, 40 отсто никогаш не го прочитале законот за студентски стандард а исто толкав процент не знаат дека постои извештај за работата на ДСД. 57 отсто познаваат некој кој преку врски и познанства добил студентско легло, односно подобро студентско легло 55 отсто од испитаниците споделија дека леглата се распределуваат по партиска припадност.

Од станарите, 14 отсто не знаат каде да пријават корупција, која е постапката што треба да ја преземат иако се свесни дека треба, оние кои нема да пријават се плашат да не го изгубат леглото во студентскиот дом (15 отсто) – што се јавува како главна причина за непријавување веднаш по оние 30 отсто дека ништо нема да се промени дури и ако пријават.

Државниот студентски дом треба да направи соработка со повеќе државни иституции затоа што не може како посебна институција да функционира без помош од други институции. Оваа година е особено важно ДСД да обезбеди фер избори на претставници на станарите за студентите конечно да имаат тело кое ќе ги претставува. Треба да ги информира станарите за нивните права и можности за учество во донесување на одлуки како и да прави редовна годишна евалуација за да се има јасна слика за потребите на станарите кои ќе се вклучат во годишните програми за работа, се вели во истражувањето.