Фото: Игор Бансколиев

Во критична состојба се тројца од осумте пациенти кои се лекуваат на Хируршките клиники во Скопје, кои беа повредени во вчерашната автобуска сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово кај село Ласкарци.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ Илир Хасани изјави дека еден од тројцата пациенти пред предмалку е префрлен од ГОБ „8 Септември“ со тешки повреди на градниот кош, што ќе треба да се санираат.

Се преземаат мерки за стабилизирање на состојбата и на двајцата други критични пациенти, девојка и маж на кој неколкупати му е опериран градниот кош.

– Тој е со сериозно крварење и кај него неколкупати е интервенирано и реинтервенирано. Во тешка состојба е, го следиме будно ако треба ќе интервенираме повторно. Во доста тешка состојба е и младата девојка, со лекарставата што ги прима постепено се стабилизира, но сепак е во животнозагрозувачка состојба – изјави Хасани.

Тој нагласи дека двајца од досега примените 10 пациенти во комплексот клиники во Скопје се пуштени на домашно лекување, а кај другите пет повредени состојбата е стабилна.

Покрај тројцата пациенти на Хируршките клиники, во критична состојба се уште двајца од хоспотализираните во ГОБ „8 Септември“.

Во несреќата во која загинаа 14 лица, вкупно беа повредени 37 лица.