Кривичниот суд во Скопје излезе со соопштение во врска со патната исправа на бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените во предметот од обвинителството означен како „Империја“, откако денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека дала зелено светло за издавање на истата.

Судот во соопштението ја информира јавноста, дека сомничениот, преку своите бранители, до судија на претходна постапка има поднесено барање за издавање на патна исправа со ограничен рок од 8 месеци важност, а заради неодоложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација, за што доставил и докази во прилог на барањето.

-Согласно одредбите до ЗКП, судијата на претходна постапка се обратил до надлежниот јавен обвинител од каде е добиено позитивно мислење да се издаде патна исправа со ограничен рок од 8 месеци важност. Со оглед на добиеното позитивно мислење, судот во текот на минатиот  месец,  со писмо го извести Министерството за внатрешни работи дека дава согласност да се издаде патна исправа со ограничен рок, но со важност од 6 месеци,  заклучно со последната служена обврска на осомничениот, а согласно член 41 од Законот за патни исправи- е наведено во соопштението од Кривичен.

МВР во управна постапка издава патни исправи со ограничен рок по добиена согласност од надлежниот суд.

Согласно одредбите од ЗКП и Законот за патни исправи, судот за дадената согласност навремено го известил надлежниот орган кој издава патни исправи.

Оттаму потенцираат дека согласно член 144 ст. 2 од ЗКП судот нема можност да не почитува согласност или предлог на надлежен обвинител и да изрекува потешки мерки за обезбедување присуство ако истата цел може да се постигне со поблаги мерки, па во таа смисла и постапувал.

Кривичен ја информира јавноста дека судот постапувал исклучиво според Законските одредби како и мислењето дадено од надлежниот обвинител, а што се однесува до мерката за обезбедување присуство определна со решение на Апелациониот суд – Скопје, односно одземање на двете патни исправи на осомничениот, истата сè уште е активна и двете патни исправи се депонирани во судот.