Ќе се ревидира извршителската тарифа. Прерано е да се зборува за намалување на нотарската и на другите тарифи

До каде се измените на Законот за извршување што ги изработува Министерството за правда (МП)? Ќе се намалуваат ли севкупните трошоци во структурата на извршните решенија, како што најави премиерот Зоран Заев?
– Измените на Законот за извршување ќе бидат доставени до Владата во најкраток можен рок, најверојатно до крајот на овој месец. Намалувањето на извршителските трошоци не се предмет на законот туку на тарифата што ја донесува министерот, врз основа на претходна согласност од Комората на извршители. Со законот се ревидираат само основите за тарифирање и наместо досегашната цена за администрирање се предвидува надоместок за обработка на предмет, трошоци и на спроведени дејства. Сосема е извесно дека тарифата ќе биде предмет на ревизија со оглед на констатираната практика на енормно високи извршни трошоци за мали парични побарувања, што предизвикува големо незадоволство кај физичките лица, а особено кај социјално ранливите групи.

ДОВЕРИТЕЛИ, ДОЛЖНИЦИ, ИЗВРШИТЕЛИ

Мислите ли дека има простор за намалување, со оглед на тоа што Комората на извршители веќе предупреди дека некои од извршителските канцеларии се во лоша финансиска состојба и постои опасност од затворање?
– Финансиските извештаи за работа на извршителите покажуваат одлични резултати односно генерално зголемување на приходите на извршителите и тоа во услови на пад на новопримени предмети за 60 отсто. Како и да е, тарифата ќе биде предмет на анализа и ќе биде резултат на заедничка соработка на Министерството и на Комората.

Дали со овие измени нема да се наруши системот на извршување?
– Не станува збор за нарушување на системот за извршување, туку напротив донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување има цел да ја олесни, поедностави, поевтини и зголеми ефикасноста при остварување на правата на граѓаните, на правните лица и на сите учесници во постапката пред извршител, а во насока на надградување на системот за брзо и за ефикасно спроведување извршување и остварување на правата на доверителите, почитувајќи го интегритетот на должникот.
Сите решенија преточени во одредбите на предлог-законот се одраз на потребите од решавањето на постојните проблеми со кои се соочуваат доверителите, должниците и извршителите во практиката, а во крајна линија стопанството и граѓаните во полесниот пристап до остварувањето на нивните права и интереси како клучен сегмент на владеењето на правото во правната држава. Наедно се надминуваат и отворените прашања што произлегоа од укинувањето на дел од одредбите од страна на Уставниот суд.

Само мал процент од граѓаните не ги плаќаат редовно сметките. Мислите ли дека со олабавување на условите за плаќање ги ставате во неповолна состојба тие што редовно плаќаат и дека ќе испратите порака до мнозинството дека не треба редовно да се плаќаат сметките?
– Законот за извршување не се занимава со никакво олабавување на плаќањата на долговите туку ја уредува постапката за присилното извршување. Токму заради тоа сметам дека со ништо Законот за извршување не може да влијае во правец на стимулација на должниците да не ги плаќаат своите сметки и другите обврски.

УСОГЛАСУВАЊЕ СО ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ

Ќе се менуваат ли и другите закони, на пример Законот за облигации за да не тече камата за старите предмети или да не се блокираат сите сметки туку да се повлекуваат пари од сметката каде што има, по примерот на Србија?
– Во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 предвидено е менување на Законот за облигациони односи во 2019 година. Насоката на менување засега не е дефинирана, а истото тоа ќе биде задача на експертска работна група, која ќе има задача да креира стабилен граѓанскоправен систем преку пополнување на постојните правни празнини и негово усогласување со европските стандарди и современи општествени текови. Во моментот МП е информирано дека постои предлог-закон за отпишување камати за наплата на долгови, кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување заеднички простории, наводнување и одводнување земјоделско земјиште што е подготвуван од страна на пратеници од Собранието на РМ. Имено, во согласност со законските решенија за долгови стари и по една деценија, за кои граѓаните воопшто не знаеле, сега се наплатуваат десеткратно повисоки суми од страна на извршители.
Во целата постапка постојат проблеми на повеќе нивоа – граѓаните добиваат сметки за наплата на долгови, кои датираат од деведесеттите, а доверителот е секогаш во право, затоа што долгот навистина постои. Не постои начин како да се заштитат граѓаните. Станува збор за илјадници предмети што стоеле во судовите. Најмногу се тужени за парично побарување по фактури за услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, отпад, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост) и за услуги што им се дават на корисници на вода од страна на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања).
Од незначителен долг за ненаплатена сметка за комунални услуги, по многу години поминати од добиената услуга добиваат огромни сметки во кои е вклучена и самата камата. Доверителите, правни лица, го искористија овој период и поради нивните парични побарувања за комунални услуги и услуги што им се даваат на корисниците на вода од страна на вршителот на водостопанска дејност (наводнување, одводнувања и др.), во согласност со законските прописи, не по нивна вина, на граѓаните им доспеаја превисоки камати и трошоци на извршување на комуналните долгови.

Дали во оваа реформа ќе треба од своите приходи да се откажат и нотарите и државата и да се отстранат дополнителните адвокатски трошоци за да се намалат трошоците при наплата на долговите?
– Одговорот на ова прашање најверојатно е врзан со одговорот на петтото прашање. Прерано е да се зборува за детали во ситуација кога во моментов не станува збор за Законот за облигациони односи. Анализите ќе покажат дали се неопходни измени и намалувања и на другите тарифи.

БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Еден од законите што се најавуваа дека се подготвуваат во Министерството е и Законот за бесплатна правна помош. Дали предлог-законот содржи одредби за давање правна помош за лицата што се странки во извршувањето. Кои ќе бидат потребните услови што граѓаните треба да ги исполнуваат за да се стекнат со правото бесплатно да ги застапува адвокат пред извршителите?
– Законот за бесплатна правна помош содржи одредби за секундарна БПП (од страна на aдвокат) во извршување само во ситуации кога се извршува недвижност во која должникот живее и ако ги исполнуваат условите од членот 19 од Законот за БПП. Тој закон е сѐ уште во постапка на доработка и не е упатно да се презентираат детали кои не се дефинитивни.

Комората на извршители во неколку наврати најавуваше намалување на административните трошоци и такси на граѓаните повикувајќи се на бесплатен електронски пристап до податоци од државни органи, меѓутоа во практиката тоа сѐ уште не заживеа. Дали планирате некакви активности во оваа насока?
– Електронскиот пристап до информациите е сфера што ќе биде покриена со воспоставената интероперабилност во државата. Надлежен орган за интероперабилноста е Министерството за информатичко општество и администрација, па упатно е таму да се постави прашањето до каде е целиот процес. Во меѓувреме Комората на извршителите поддржана од Министерството за правда ги надминува поединечните проблеми, па, така, склучени се меморандуми за соработка со Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјала, Матичната евиденција, чија цел е да им се овозможи бесплатен електронски пристап до податоци за физички лица за да се поедностави и поевтини присилното извршување.