Колку Македонија е безбедна од заканите на Исламската држава (ИД) и дали краците на оваа терористичка организација и натаму се присутни во земјата во моментите кога од Блискиот Исток се повлекуваат сојузничките армии и кога светските медиуми предупредуваат дека сѐ уште има можност од нејзино заживување.
Стручната јавност во земјата во сублимиран заклучок тврди дека не постои држава во светот што е комплетно имуна на терористичките закани, а особено од оние што доаѓаат од ИД.

Според нив, не е тајна дека исламски мотивираните радикални групи што се во тесно сродство со ИД дејствуваат во Европа и на Балканот, па во тој контекст сосема е логично зошто треба да се внимава и на потенцијалните закани кон Македонија.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека Македонија со влегувањето во НАТО ќе биде побезбедна од заканите на тероризмот.

– Македонија поради специфичната геостратегиска положба и мултиетничноста секогаш е под ризик од конкретен терористички акт. Од тие причини, определбата да влеземе во НАТО и во ЕУ ќе значи поголема безбедност во рамките на еден глобален систем – вели тој.

Марковски објаснува дека за Македонија оваа опасност од ИД може да биде пресликана во дејството на микролокациско ниво на овие групи, со оглед на тоа дека поголем број, над 180 луѓе од Македонија, учествувале во борбени дејства на Блискиот Исток, пред сè во Сирија и Ирак, од каде што некои се вратени во земјата, а со тоа тие ја носат идеолошката матрица на ИД.

– Од тој аспект, тие може да бидат потенцијална опасност за безбедноста во местото на нивното живеење, бидејќи тие може да предизвикуваат и разни терористички акти потпомогнати од нивната попримена идеологија. Но Македонија веќе има изградено законска регулатива во врска со учеството на македонските граѓани во странски или паравоени трупи и, од тој аспект, тие ќе бидат санкционирани. Истовремено, Македонија има стекнато искуство со овие лица, во смисла на ресоцијализација, и од нив не сме имале некоја посериозна атака врз безбедноста – вели Марковски.

Аналитичарот Милан Стефаноски, пак, додава дека македонските безбедносни служби имаат големо искуство во своите операции против терористичките групи од овој тип, без разлика дали тие директно или не се поврзуваат со ИД.

– Македонските служби дури и пред да постои ИД се справуваа со дејствувањето на терористичките закани врз земјата што доаѓаа од терористичката организација што веќе не постои а се нарекуваше Ал каеда. Слично беше и со другите организации што исчезнаа а со кои се справуваа македонските служби во периодот кога постоеше Југославија. Па, кога се знае сето ова, јас верувам дека ние имаме многу стручен кадар во нашите институции, кој на големо ги следи овие случувања и верувам дека веќе има подготвено соодветен одговор на настаните, кој ќе ги превенира штетните дејства врз Македонија од страна на активистите на овие милитантни организации – вели тој.

Во меѓувреме, американскиот медиум „Блумберг“ пишува дека, и покрај тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека т.н. Исламска држава е поразена, според голем број извештаи допрва треба да се порази милитантната организација во Ирак и Сирија, бидејќи на терен сѐ уште дејствуваат соработнички групи, кои и натаму остануваат закана за безбедноста во целиот свет.

Процените за силата на ИД велат дека таа во овој момент има околу 30.000 борци, а дополнително се верува дека нејзиниот водачот Абу Бакр ал-Багдади и неколкумина негови заменици сѐ уште се живи и активно дејствуваат. Светските новински агенции уште пишуваат и дека групата ИД сѐ уште командува со илјадници борци во Ирак и Сирија, одржува осум разграноци и има повеќе од десетина мрежи и илјадници поддржувачи во светот, и покрај значителните загуби во однос на лидери и територија. Во таа насока се и предупредувањата дека доколку се намали воениот притисок од страна на сојузниците, терористите од Исламска држава можат да ги вратат загубените позиции за помалку од една година.