Мнозинството граѓани ќе излезат да гласаат на референдумот на 30 септември, за кој ДИК планира да потроши 169.770.000 денари.

Поддршка на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ би дале 41,5 проценти, а против се изјасниле 35,1 проценти, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година.

Мнозинството анкетирани 66,4 отсто изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 отсто се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот. 11,9 проценти се уште немаат одлучено.

Според резултатите кај Македонците поддршка би дале 27,4 проценти, додека против би биле 45,2 проценти. Кај етничките Албанци „за“ би се изјасниле 88 проценти, а против 2,2 проценти.

Вчера на седница ДИК објави дека за спроведување на референдумот се планирани 169.770.000 денари.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски изјави дека тоа е намалување за 20 проценти во однос на средствата одобрени од Собранието на РМ во износ од 210 милиони денари.

– Планот не значи дека ова е дефинитивната бројка. Се надеваме дека по спроведување на тендерите ќе се изврши натамошно намалување на средствата со цел рационално трошење на парите од даночните обврзници – рече Дерковски.

Согласно планот, предвидени се и средства во износ од 80 милиони денари за надоместоци за изборните органи, односно за општинските изборни комисии и избирачките одбори во земјата, како и за избирачките одбори во дипломатско – конзуларните претставништва.

Дијаспората, како што беше објавено, ќе гласа на 29 септември. За таа цел изработена е апликација со која гласачите од дијаспората ќе можат да извршат увид во Избирачкиот список од 9 до 23 август. Секој граѓанин може да се пријави за гласање во абмасадите или електронски.

Во меѓувреме, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕЕМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го осудија начинот на кој Државната изборна комисија (ДИК) ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

ДИК, како што се наведува во нивното соопштение, нема законска надлежност да ги толкува законите, додека појаснувањето на Комисијата за медиумското претставување за референдумот е паушално, без законска основа и ги дискриминира учесниците на референдумот.

Кампањата за референдумот полека почнува. Вчера изјава со поддршка за референдумот даде пратеникот Павле Богоевски, дел од пратеничката група на СДСМ.

– Поддршка на овој Договорот и референдумското изјаснување, за иднината на Република Македонија е највисок патриотски чин. Затоа на 30 септември, храбро, масовно и достоинствено да кажеме да за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор – рече, меѓу другото Богоевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека до 10 септември ќе соопшти дали ќе го повика на бојкот членството, дали ќе гласа против или ќе го поддржи референдумот за името на 30 септември.

Посочи дека партијата летово има акција „Лето за Македонија“ и во нејзини рамки се консултира со многу граѓани на дневна основа, со членовите и раководството на партијата и општинските комитети.

– Впрочем кампањата за референдумот почнува на 10 септември. Дотогаш се надевам дека оваа акција ќе трае така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ.