Пред 186 години германскиот крал Отон со декрет морал да создава Грци и грчка нација. Баварците и кралот се соочиле не само со проблеми во изградбата на државата, туку и со проблем за изградба на нацијата

Пишува: Блаже Миневски

Грчкиот идентитет како нација е германски проект! Во 1830 година Франција, Британија и Русија создаваат кралство од неидентификувани народни слоеви под нивна директна управа. Две години подоцна, во 1832 година, истите сили заштитнички, одобриле заем од 60 милиони франци, од кои најголем дел бил потрошен за војската, баварските службеници што ги донел кралот Отон со себе, како и за отплатување на самиот заем.

Во текот на осумдесеттите години на 19 век се склучени уште неколку заеми во вкупна вредност од 630 милиони драхми, така што само ратите на пристигнатите обврски достигнувале третина од државните приходи. Кој го поддржува тој фалсификат на „банкрот-држава“ веќе близу двесте години, и зошто?

Проблемите околу изградбата на грчката нација

Постојат куп документи дека Грците во тоа време не знаеле дека се Грци, па затоа немале никаков удел во проектот за создавање свест за грчки идентитет. Имено, никакви Грци не биле потписници на спогодбата од мај 1832 година помеѓу Британија, Франција, Русија и Баварија со која се одредени условите под кои кралот Отон стапува на престолот, а со кои територијата што e кралство е ставена под „гаранција на трите сили заштитнички“. Младиот баварски крал стигнал во февруари 1833 година во привремената престолнина Нафплион, а проблемите со кои се соочил тој и многубројната свита биле многу. Покрај неизбежните проблеми околу изградбата на инфраструктурата на една сосема нова држава, постоела и итна потреба да се создаде заедничка свест за грчки идентитет, односно од затеченoтo население да се создадат Грци. Затоа Баварците и кралот се соочиле не само со проблеми во изградбата на државата, туку и со проблемот за изградба на нацијата. Со оглед на тоа што кралот Отон бил малолетен кога дошол на измислениот кралски престол во Грција, земјата до 1835 година ја управува Совет на намесници, составен од тројца Баварци, заедно со баварската свита што дошла со кралот. Образовниот систем, на пример, бил заснован на францускиот и на германскиот модел, а воведени биле и кривично и граѓанско законодавство, според римската правна традиција на континентална Европа. Во кралството политичкиот живот се изразувал преку три партии познати како Англиска, Француска и Руска партија. Меѓу нив единствено само таканаречената Француска партија се залагала за остварување на „големата идеја“, која полека но сигурно ќе биде дефинитивно докрај реализирана со помош на трите сили заштитнички во 1913 година, кога било дозволено Грција да окупира голем дел од Македонија и да ја заокружи својата денешна државна територија. Претходно, во текот на последните две децении од 19 век, како и во првата деценија од 20 век, Македонија ќе биде средиште на вниманието на грчкиот, бугарскиот и српскиот национализам за приграбување што поголем дел од територијата.

Според истражувањата за грчката политика на Балканот на проф. д-р Далибор Јовановски од Катедрата за историја на Филозофскиот факултет во Скопје, со договор меѓу големите сили во 1830 година за грчки крал требало да биде избран Леополд Саксенкобурски, но тој набргу се откажал од тронот на кој воопшто и не седнал. По две години, во 1832 година, големите сили го решиле проблемот со избор на крал, па со нов договор меѓу Англија, Франција, Русија и Баварија од 7 мај 1832 година за грчки крал бил поставен Фридрих Отон, вториот син на баварскиот крал. Новиот грчки крал, според договорот, ја носел титулата крал на Грција, а не на Грците. Истите земји потпишале и договор со османлиските власти со кој се утврдила северната граница на Грција, така што таа се движела по линијата Арта – Волос. Со тоа Грција конечно можела да функционира како некаква независна држава. Секако, пред пристигнувањето на првиот грчки крал увезен од Германија, било потребно да се регулираат и односите помеѓу Грција и Баварија.

Грчката црква е формирана без одобрување на Цариградската патријаршија!

По потпишувањето на Договорот за сојуз и пријателство меѓу Баварија и Грција на први ноември 1832 година во Минхен, бил регулиран престојот на 3.500 баварските војници на грчка територија на три години. Откако биле регулирани односите, Отон можел да пристигне во неговата нова татковина. На 6 февруари 1833 година, дошол во Нафплион и седнал на престолот на протекторатот. Всушност, на почетокот од своето владеење во Грција, Отон не управувал со земјата, бил малолетен, па раководењето во земјата било преземено од тричлено регентство, кое го сочинувале Јозеф фон Араманшперт, Лудвиг Маурер и генерал Карл Вилхелм фон Хајдем. Баварското регентство се соочило со тешка економска и политичка состојба во земјата, во која речиси и немало власт. Затоа постепено морале да бидат преземени мерки со кои државата би почнала да функционира. Во почетокот како најтежок се покажал проблемот во однос на автокефалноста на Грчката православна црква. Со декрет на регентството од 4 август 1833 година било прогласено создавањето на Грчката автокефална православна црква, а тоа е сторено без одобрување на Цариградската патријаршија. Кој и кога ја признал грчката црква е прашање што заслужува посебна анализа. Во секој случај, Синодот на новосоздадената расколничка црква му бил потчинет на германскиот крал Отон. Со декрет било создадено и посебно министерство за вера, а биле направени и реформи во манастирите. Зад создавањето на Грчката автокефална црква стоеле круговите што биле под англиско и француско влијание. Русија не сакала да се согласи со самостојноста на Грчката црква, сметајќи дека тоа не е во согласност со нејзините интереси, а за тоа имала поддршка и од Цариградската патријаршија, но и од многу Грци во самото кралство, кои биле приврзаници на Цариградската патријаршија.

Паралелно со „изградбата на грчка свест на населението“ кон крајот на 1833 и почетокот на 1834 година, кралскиот протекторат почнал да ги акредитира своите први дипломатски претставници во поголемите европски држави. Во меѓувреме, економските и политичките проблеми поврзани со независноста од Османлиската Империја биле предмет и на разговори што се воделе во Цариград. Грчкиот претставник, Зографос, во текот на 1834 година водел тешки разговори со Портата за проблемите со кои се соочувала поранешната турска провинција, сега некаква државичка на Пелопонез. Практичната цел на овие разговори била склучување трговски договор меѓу двете земји, но до тоа не дошло. Портата не сакала да се согласи со барањата на грчката страна, кои го повредувале османлискиот суверенитет, но, сепак, грчката страна, со помош на рускиот пратеник Бутењев, успеала, на пример, да издејствува дозвола за назначување конзули. Притоа, од бараните деветнаесет конзулски и вицеконзулски места, добиеле само седум. Со оваа дозвола, Грција почнала да ги испраќа своите први конзули во османлиската држава, па така на шести декември 1834 пристигнал и првиот грчки конзул во Солун, а со тоа и официјално почнува дејствувањето на грчката дипломатија на територијата на Македонија, односно доаѓа до некаква грчка присутност во Македонија. Конзулот Валијанос бил назначен од својата влада за прв грчки конзул во Македонија со седиште во Солун. Следната година, во јуни, во чест на роденденот и полнолетството на крал Отон, престолнината на Грција била преселена во Атина, која полека почнала да се издигнува од урнатините. Не само физички, туку и историски, односно со делумно и целосно измислување на делови од историјата, смислена во кабинетите на западните историчари во служба на новата таканаречена западноевропска цивилизација. Минатата година кон таа и таква историја беше додадена историјата на Македонија, а подарокот беше украсен со машничка од вратоврската на човекот што самиот призна дека не му личи да биде патриот.