=

Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. Ако пак ја изгубиме македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во ЕУ. Така ЕУ ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележуваме и прославиме. Имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на одбележувањето на 54 годишнината на Академијата.

Тој истакна дека ни е потребен нов фундаментален договор за државните интереси, поддржан од релевантните политички субјекти, независно дали се на власт или во опозиција. На тоа, како што рече, не обврзуваат и двата јубилеја кои ги славиме оваа година, одбележувањето на 30 години од независноста на државата и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

– Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор се, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше се понови и се поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може – рече академик Коцарев.

Тој потенцира дека ако и наредната влада од која било провениенција продолжи со, како што рече, деструктивни и коруптивни политики, тогаш треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на државата која неумоливо тоне.

– Ние како членови на највисоката научна и уметничка институција во државата не можеме да бидеме неми сведоци на ваквите тенденции, да не предупредуваме и да не нудиме решение и визии, нагласи Коцарев.

Во рамки на одбележувањето беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“ на годинашните добитници Елена Верижникова и Фрсоа Пејоска-Бушро. Пригодни говори по повод доделувањето на признанието одржаа Марјан Марковиќ и Катица Ќулавкова.
– Преговорите со Бугарија треба веднаш да се прекинат бидејќи нејзините барања кон Македонија се спротивни на меѓународните конвенции – рече академик Катица Ќулафкова, според која, по неодамнешните барања на бугарската страна, земјава нема гаранции дека ќе започне преговори со ЕУ.
Ќулафкова додаде дека македонските политичари ги поддржуваат тезите што не се во интерес на Македонија, туку на нејзините соседи и на други држави.