Вселенската патријаршија нема да дозволи за едни да биде мајка, а за други маќеа

Македонската православна црква – Охридска архиепископија сега се наоѓа во најзначајниот момент од својата понова историја во процесот на меѓународно признавање на својот автокефален статус. Токму оној што е канонски надлежен за доделување нова автокефалност за православните цркви во светот, го стори тоа и донесе одлука за доделување на томосот за автокефалност на Украинската православна црква. Тој потег сам по себе е вовед во процесот на конечното признавање на меѓународната автокефалност на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија

Вселенскиот патријарх Вартоломеј го направи првиот чекор и го отвори патот за доделување автокефалност за православните цркви во светот. Пред два дена донесе одлука да ѝ додели томос за автокефалност на Украинската православна црква. Со тоа го отвори и патот за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која сега се наоѓа во најзначајниот момент од својата понова историја во процесот на признавање на својот автокефален статус.
Аналитичарите велат дека тоа што вселенскиот патријарх одлучи да ѝ додели автокефалност на Украинската црква, за МПЦ значи отворен пат по кој канонски, практично, ќе се стигне до автокефалност. Тоа значи дека ќе се смета дека истиот принцип од Украина сосема е легитимно да го примени Вселенската патријаршија и за Македонија.

Веќе е познат ставот на МПЦ дека нема да отстапи дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Инаку, Вселенската патријаршија, како што толкуваат познавачите на состојбите, во моментов игра многу важна улога во православниот свет, преземајќи ја одговорноста за најтешките прашања.
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали и како Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.

Следува период на конфронтации

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ваквата одлука на Вселенската патријаршија во голема мера ќе го потресе православието, зашто по ова ќе следува период на конфронтации, на прекини на општењето, период на групирање на православните цркви на спротивставени страни.

– Овој чин сигурно значи и збогување на дведецениските обиди на православните цркви да дејствуваат единствено, соборно, да се раководат со принципите на консензус во решавањето на проблемите во православието. Со ова се отвораат можности за сезона на еднострани признавања на православни цркви од страна на „мајки-цркви“ – додава Ѓорѓевски.
Според него, Цариградската патријаршија е решена да си ја задржи позицијата што ја има, односно, таа сака да биде главен фактор во одлучувањето за автокефалноста на некои православни цркви.

– Сигурно дека тука има и геополитички причини врзани за битката меѓу Истокот и Западот, во која влијанието во Украина е главно поле на судирот. ВП се става на страна на Западот со еден ваков потег. Сега е важно каков ќе биде односот кон УПЦ-Московскиот патријархат оти ќе имаме две цркви на ист простор и каква ќе биде судбината на сопственоста врз нејзините храмови -нагласува аналитичарот.
Сепак, аналитичарот Ѓорѓевски во контекстот на признавање на автокефалноста на нашата црква го става и политичкиот договор меѓу Македонија и Грција.

– Примерот со Украина покажува дека ВП ќе одеше и кон наше признавање, но се плашам дека нашето барање сега ќе остане во фиока на ВП – посочува Ѓорѓевски, издвојувајќи го ставот дека во поширокиот контекст на спорот што го имаме со Грција, влегува и признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Вартоломеј ја запечати својата позиција

Во официјалното соопштение од Вселенската патријаршија, објавено пред два дена, пишува дека Синодот на Вселенската патријаршија, под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј заседавал од 9 до 11 октомври годинава, каде што се занимавал со црковното прашање во Украина и одлучил да ги помилува и ги враќа во канонски ред двете досега неканонски јерархии во Украина, на митрополит Филарет и на архиепископ Макариј. Во првата точка од одлуката стои дека Вселенската патријаршија ќе продолжи да ја спроведува веќе донесената одлука за автокефалност на црквата во Украина, а во следните три точки практично ја потврдува таквата одлука со конкретни чекори.

– Одлучено е да се обнови веќе донесената одлука, Вселенската патријаршија да продолжи кон доделувањето автокефалност за Украинската црква. Веднаш да го воспостави Ставропигијалниот манастир на вселенскиот патријарх во Киев, еден од многуте негови ставропигии низ Украина во минатите векови. Според канонските привилегии на константинополскиот патријарх, да ги прима апелациските жалби на архијереите и на другите клирици од сите автокефални цркви, да ги прими соодветните жалби на Филарет Денисенко и на Макариј Малетич и на оние со нив, кои се беа нашле во раскол не поради догматски причини, и да ги врати во архијерејски или свештенички чин, а нивните верници во црковно општење – пишува во соопштението од ВП.

Оттаму додаваат дека е одлучено и да се укине силата на Синодалното писмо од 1686 година, издадено според тогашните околности, со кое му се дава, по икономија, правото на московскиот патријарх да го ракополага секој киевски митрополит, избран од Црковно-народниот собор на неговата епархија и должен да го спомнува „најнапред“ името на вселенскиот патријарх, како показател на канонската зависност, заклучил Синодот на ВП.


РПЦ: Вселенскиот патријарх донел неканонски чин

Митрополитот Иларион, шефот на одделот за надворешни црковни врски на Руската православна црква, ја нарекол одлуката на Вселенската патријаршија за украинското црковно прашање неканонски чин.
– Одлуката ги повредува црковните канони, нарушено е меѓуправославното единство, документирана е инвазијата на Цариградската патријаршија во канонските граници на Руската црква – изјавил митрополитот.
Според него, одговорот на Московската патријаршија на овој чин на цариградскиот патријарх ќе се подготви на состанокот на Светиот синод, кој ќе се одржи на 15 октомври годинава во Минск.