Во следниот период, позитивната листа на лекови ќе се ревидира и очекуваме дека потребните препарати и терапии што се даваат за бремените жени ќе влезат на позитивната листа на лекови. Во моментов имаме само фолна киселина. Во предлог-програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2019 година е предвидена набавка на фолна киселина, која ќе биде бесплатна за првиот триместар за секоја бремена жена, информираат од Министерството за здравство

Сиромаштијата не е главниот фактор, но е една од водечките причини поради кои семејствата се одлучуваат да немаат деца или да имаат само едно дете. Поради тоа што наталитетот изминатите години опаѓа, властите постојано се обидуваат со разни мерки да влијаат на мотивација на семејствата да го зголемат бројот на членовите на семејството.
Меѓутоа, и покрај сите обиди, наталитетот никако да почне да расте, а брачните двојки никако да се одлучат да го зголемат семејството, бидејќи мерките очигледно не даваат плод, особено затоа што во бременоста трудниците се соочуваат со финансиско шиканирање. Доколку една бремена жена сака да има уредна бременост, проследена со редовни прегледи, но и со консумирање на соодветните препорачани витамини во бременоста, ќе ѝ биде потребно едно цело мало богатство за да може да ги истера деветте месеци од бременоста. Превентивно, речиси секој гинеколог ги пропишува вагиналетите познати како „утрогестан“, кои всушност се вагиналетки што трудницата вообичаено ги става во првиот триместар, како поддршка за плодот и бременоста. Овие вагинални таблети ги има само на приватно, односно на рецепт не можат да се купат.

Па, така, во зависност од дозата што ѝ е пропишана на трудницата, а вообичаено се даваат вагиналетките од 200 милиграми, бремената жена ќе треба да издвојува 440 денари на секои 15 дена, или 880 денари месечно, доколку ги користи превентивно и еднаш во денот. Доколку, пак, за некоја несреќа се случи бременоста да е ризична и трудницата да мора да ги става овие вагиналетки до крајот на бременоста, но и двапати дневно, тогаш таа треба да биде подготвена да издвои уште поголема сума од онаа погоре. Во тој случај, ако ги користи до крајот на бременоста, ќе треба да издвои скромна сума од речиси осум илјади денари во текот на целата бременост. Доколку, пак, ги користи двапати во денот, тогаш сумата е двојна.

Нималку подобра не е ниту состојбата со витамините што им се пропишуваат на трудниците. На пазарот постојат десетици видови витамини што им се на располагање на трудниците доколку сакаат да внесуваат доволно количество витамини како поддршка на растот и развојот на плодот. Цената на овие витамини исто така варира, но таа не е под 600 денари за едно кутиче што трае еден месец. И овие витамини никако не може да се најдат на рецепт, па, така, покрај „утрогестанот“, секоја трудница треба да издвојува минимум десет евра и за овие витамини. Тука е и магнезиумот, кој задолжително мора да го пие секоја трудница, а, во зависност од компанијата што го произведува, цената му е од 170 денари, па нагоре.

Единствено што една трудница го добива по евтина цена и на рецепт е фолната киселина, и тоа до шеснаесеттата недела од бременоста, затоа што потоа нема потреба од нејзино пиење.

– Едвај се одлучивме за дете со сопругот затоа што само тој работи, а со плата од 15 илјади денари тешко дека може да се гледа цело семејство, а особено бремена жена. Но, сепак, желбата за потомство победи и еве сум сега бремена во својата 23-та недела. Досега дадов едно цело богатство. Веќе сум исплашена уште колку пари треба да дадам, особено затоа што допрва доаѓа и бебето, кое нема да прашува дали имаме или немаме, туку ќе мораме да обезбедиме и да купиме – вели Ана Даневска.

Од Министерството за здравство велат дека позитивната листа на лекови не е ревидирана десет години и додаваат дека во моментов се формира единствена комисија, наместо досегашните повеќе комисии.

– Во следниот период, позитивната листа на лекови ќе се ревидира и очекуваме дека потребните препарати и терапии што се даваат за бремени жени ќе влезат на позитивната листа на лекови. Во моментов имаме само фолна киселина. Во предлог-програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2019 година е предвидена набавка на фолна киселина, која ќе биде бесплатна за првиот триместар за секоја бремена жена. Предвидена е и набавка на современи контрацептивни средства (орална контрацепција, спирали, кондоми) за жени од социјално ранливи категории и жени со репетитивни абортуси – информираат од Министерството за здравство.

Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека наталитетот ќе почне да се зголемува со реформата за социјална и детска заштита, која е во собраниска процедура, а која предвидува повеќе мерки што на долг рок треба да дадат позитивни резултати и да ја искоренат сиромаштијата, која е еден од факторите поради кои жените не раѓаат деца.

– Со овие реформи гарантираме подобар живот, намалување на сиромаштијата и еднакви шанси за секое дете, но и активација на невработените на пазарот на труд. Со направената трансформација на паричните права во делот на детската заштита, која е целосно во согласност со препораките од Светска банка и анализите на УНИЦЕФ, се зголемува пристапот до парична помош. Со социјалната реформа за право на детски и образовен додаток, бројот на корисници се зголемува за 20 пати.

Детскиот додаток, наместо досегашните 3.200 деца, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот, наместо 3.800 деца, 64.316 деца, бидејќи право на овие додатоци ќе имаат и семејствата со минимални приходи. Истовремено се трансформира родителскиот додаток за новороденче во еднократна исплата на додаток за прво, второ и трето дете од 5.000, 20.000 и 60.000 денари. Целта на оваа трансформација е да се направи побалансирана распределба на средства кај домаќинствата. Додатокот за трето дете не се укинува. Овој додаток ќе продолжи да се исплаќа и во следните десет години и ќе го добиваат сите семејства што се стекнале со него, но и оние што во следните 10 месеци од стапувањето на законските измени во сила ќе пријават дека родиле трето дете. Се подобруваат и јакнат капацитетите на градинките низ цела Македонија, особено во руралните места, кои досега немаа објекти за згрижување деца. За годинава буџетот за капитални инвестиции во детските градинки е зголемен за 300 отсто. МТСП во следните четири години ќе инвестира 15 милиони евра, пари од Светска банка со кои треба да го прошири капацитетот на градинките за 7.000 нови места. Со овој процес ќе се работи и на јакнење на вештините на кадарот за работа со деца, бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на личноста – велат од Министерството.