Фото: Дарко Андоновски

Во сублимиран заклучок безбедносните експерти тврдат дека во моментов никоја земја од светот не може да се пофали дека е безбедна од заканите што доаѓаат од
сајбер-просторот. Според нив, токму затоа Македонија периодов на големо работи да создаде услови институциите да можат подобро да ги гарантираат безбедноста на
интернет и сигурноста на компјутерските системи, а во тој правец се подготвени државни стратегии и акциски планови и се формирани редици специјализирани тела
за справување со овие превирања

Безбедносните ризици со кои се соочуваат нашите граѓани, институциите, банките и компаниите во секојдневното функционирање веќе не се конвенционални, туку тие се преселени во сајбер-просторот и се дигитални. Како што може да се прочита во медиумите, но и од сопствени примери во модерното секојдневие, сведоци сме на голем број случаи во кои граѓаните и фирмите се жалат дека им било навлезено во компјутерскиот систем, дека биле прислушувани, дека им бил проширен компјутерски вирус, им биле сторени измами и фалсификати, дека биле направени злоупотреби на платежни картички итн.

Токму поради овие многубројни примери, во домашната јавност повторно се актуализира темата поврзана со сајбер-безбедноста.
Неделава министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски во Охрид, на тркалезна маса за хибридните закани и опасностите од нив,изјави дека државата првпат изработила стратегија за сајбер-безбедност и акциски план и оти борбата со дезинформациите веќе не може да биде само предмет на јавни расправи туку дека станува дел од обврските на државата и кон себе и кон НАТО. Во сличен контекст може да се протолкува и изјавата на заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој на трибина организирана од Регионалната школа за безбедност 2019 најави дека се планира да се отвори и првиот регионален центар за обука и истражување од областа на сајбер-безбедноста што ќе биде лоциран во Скопје.

Во сублимиран заклучок безбедносните експерти тврдат дека во моментов никоја земја од светот не може да се пофали дека е безбедна од заканите што доаѓаат од сајбер-просторот. Според нив, токму затоа Македонија периодов на големо работи да создаде услови институциите да можат подобро да ги гарантираат безбедноста на интернет и сигурноста на компјутерските системи, а во тој правец се подготвени државни стратегии и акциски планови и се формирани редици специјализирани тела за справување со овие превирања.

Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека сакале ние или не, интернет-просторот и користењето на компјутерската технологија длабоко се навлезени во нашето општество, па токму поради тоа разбирливо е зошто прашањата со безбедноста на ова поле се толку актуелни.

– Во тој правец е разбирливо зошто голем број држави како и нашата, во последно време донесоа свои национални сајбер-безбедносни доктрини или стратегии, кои освен на национално ниво се спроведуваат и во меѓународните организации што активно се занимаваат со оваа проблематика. Па така ООН, НАТО, ЕУ и другите релевантни институции преземаат сериозни напори и чекори кон сузбивање на овие негативни предизвици на интернет – вели тој.

Според Трајковски, сајбер-одбраната станува сериозна и реална потреба како компатибилен дел од целокупната сајбер-безбедност.
– Колку и да звучат опасно овие безбедносни ризици, граѓаните мора да разберат дека не треба да стравуваат од овие случувања и треба да бидат уверени дека институциите на нашата земја на големо се зафатени со заштита на овој простор од живеењето – истакнува Трајковски.

Според него, сајбер-заканите се дел од хибридните безбедносни дејствувања, кои не ги засегаат само граѓаните и економијата туку тие можат да го нарушат и политичкиот дискурс во Македонија, ширејќи лажни вести и мешајќи се во изборниот процес.

– Со процесот на влез во НАТО, во кој сме обврзани да дејствуваме организирано преку институции, но и да соработуваме тесно со државите сојузнички, Македонија го прави најкрупниот чекор кон трајно сузбивање на оваа закана – вели Трајковски.
Тој вели дека и граѓаните и политичарите се свесни за тежината на оваа закана и токму поради тоа, бидејќи нѐ засега сите еднакво, во скоро време ќе се најде организиран одговор со кој ќе се намалат сајбер-заканите во државата.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека овој тип т.н. модерни закани можат да се регистрираат во сите полиња од општествениот живот во земјата. И тие, според него, доколку не се спречат, во голема мера можат да го нарушат целокупниот живот во Македонија.

Аналитичарот верува дека оние што раководат со земјата добро ја сфатиле сериозноста на овие закани, а резултат на тоа е подготвувањето на државните документи за борба со ова случување.

[email protected]