Фото: Игор Бансколиев

Најголема воена вежба што ќе се одржи во мај

Според најавите, на полигонот Криволак треба да се спроведе најголемата воена вежба на македонска територија на која ќе учествуваат илјадници војници од пет сојузнички НАТО-држави

Наредниот месец на воениот полигон Криволак треба да се одржи најголемата воена вежба што некогаш била организирана на македонска територија. Станува збор за вежбата именувана „Одлучен удар 2019“, која, според најавите, треба да се спроведе меѓу 20 мај и 15 јули. Во тој правец, Владата месецов на седница донесе одлука со која се одобрува спроведувањето на воената вежба на македонската армија заедно со припадници на Командата на копнените сили на САД за Европа (УСАРЕУР).
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, соопшти дека станува збор за најголема воена вежба што кога било е организирана во нашата држава и во која на практичен и видлив начин ќе се манифестира сојузничката поддршка за членството на земјава во НАТО.

Според најавите на надлежните, за вежбовната активност е предвидено да се користат околу 400 борбени моторни средства, а војските на земјата и на САД да учествуваат со по 2.000 војници, кои, пак, ќе бидат придружени со по 25 сојузнички војници од Албанија, Бугарија, Литванија и 100 војници од Црна Гора.
– Воената вежба има цел подобрување на заедничкото дејствување на земјите-членки во тековните и идните операции предводени од НАТО – се вели во владиното соопштение по повод настанот.

Во меѓувреме, најголемата воена вежба во земјата ја отвора и хипотетичка можност и за полнење на буџетската каса доколку се земе предвид фактот дека таа ќе трае приближно шеесетина дена и доколку се проучат објавените информации на сајтот на Министерството за одбрана (МО) каде што е публикуван ценовникот за користење на воените капацитети во земјава.

Според ценовникот, во делот за воениот полигон Криволак, се истакнува дека користењето на стрелиштата за странски правни лица и вооружени сили на странски држави чини 50.000 денари на час или 300.000 денари на ден.
Во документот се наведува дека Криволак нуди сместување за војниците, а цените за него се различни и се движат од 900 денари на ден за сместување во апартман, 450 за сместување во соба во тврда градба, 300 денари во барака, 180 денари во монтажен објект и 60 денари на ден за шатор.

Документот истакнува дека за вежбалиштата на полигонот се наплаќаат по 30.000 денари на ден или по 180.000 денари на час.
Македонскиот најдобар воен капацитет исто така им нуди можност на странските војници да се прехрануваат од страна на кујната на АРМ, да ги користат транспортните возилата под наем на нашата војска, па дури и уредите за интернет и печатење хартија.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека информациите поврзани со финансиската корист од користењето на воениот полигон Криволак по природата на нештата нема да бидат достапни до широката јавност туку до стручните лица бидејќи тие во најголем дел се некаков вид воена тајна.

Аналитичарот ја поздравува употребата на полигонот во вежбата „Одлучен удар 2019“, и истакнува дека Криволак е практично најголем адут за профит од воените капацитети што ги поседуваме, а во тој правец ние треба да се обидеме да профитираме од воениот туризам и присуството на сојузничките странските војски во државата.


Американски бомбардери над Криволак?

Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите како светските и регионални медиуми ја следат најавата за одржување на воената вежба во земјата.

Српскиот сервис на руската агенција „Спутник“, пишува дека иако за тоа нема официјална потврда на воените вежби во Македонија ќе учествуваат и воздухоплови-бомбардери на војската на САД од моделот „Б-1Б“.
Според медиумот, воената вежба „Одлучен удар 2019“ во Македонија е составен дел на огромниот воен маневар на НАТО насловен „Заштитничка сабја“, кој го организира и финансира Командата на американските сили во Европа, на која ќе учествуваат дури 27 илјади војници.

Порталот пишува дека НАТО, покрај воени вежби во Македонија, планира да одржи слични активности и на териториите на Унгарија, Романија и Бугарија.
Белградскиот воен аналитичар Александар Радиќ за „Спутник“ вели дека воената вежба е сосема очекувана, а војските на НАТО со неа ќе се обидат да испратат порака до Србија дека се раѓа цврсто сојузништво на АРМ со НАТО и со САД.
Според Радиќ, интересен е фактот што во Македонија ќе пристигнат бомбардерите „Б-1Б“, кои беа користени во воздушните напади на Југославија во 1999 година и смета дека тоа самото по себе е јасна порака до Србија.

– Појавата на двата авиона претставува силна политичка порака за американската доминација на овој простор. Бомбардерите најверојатно ќе долетаат од воената база во Велика Британија каде што имаат логистика, а таму, пак, ќе пристигнат од својата база во САД. Тие ќе навлезат во воздушниот простор на Македонија каде што ќе фрлаат бомби, а тоа ќе предизвика силни реакции во Србија – изјавил Радиќ.

[email protected]к