Колку се безбедни светот и Европа од опасноста од потенцијалниот нуклеарен конфликт помеѓу светските суперсили Русија и САД? Овие дилеми се актуелни периодов, откога Вашингтон и Москва неодамна официјално се повлекоа од Договорот за нуклеарни сили од среден опсег (ИНФ), а за тоа меѓусебно се обвинија дека една од страните го крши договорот.

Хронолошки гледано, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во октомври минатата година објави дека САД ќе се повлечат од договорот, кој беше основа за европската безбедност од потпишувањето во 1987 година, а Москва подоцна реципрочно даде одговор на одлуката на Вашингтон и објави дека ќе го суспендира своето учество во договорот.
Токму развојот на овие настани, паралелно со развојот на нови видови нуклеарни оружја од краток и од среден дострел, и од американска и од руска страна, како и повторно оживената доктрина на ограничена нуклеарна војна на европските простори, создава притисок врз земјите низ светот, од што деновиве се засегнати и државите од Балканот.

Белгискиот весник „Морген“ објави копија на документот од Парламентарното собрание на НАТО, во кој сосема случајно се нашле и информациите за локациите на кои се складирани 150 американски нуклеарни оружја.
Натаму, на оваа тема пишуваше и руската новинска агенција „Спутник“, која, пак, во својот осврт на случувањата информира во кои европски сојузнички држави Американците го складирале својот нуклеарен арсенал.
Во меѓувреме, во овие тензични настани не беа изоставени ниту балканските држави. Имено, во април годинава, пак, поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Соломон Паси, во изјава за бугарската национална телевизија истакна дека во вакви околности и Балканот има потреба од нуклеарно оружје, бидејќи тоа ќе го гарантира мирот на Полуостровот во иднина.

– Европа има атомско оружје и ние, на Балканот, имаме потреба од нуклеарно оружје, бидејќи тоа ќе го гарантира мирот како за време на Студената војна – изјавил Паси, коментирајќи на тема за тоа колку тој е загрижен поради нарушените релации на САД и Русија околу Договорот за нуклеарни сили од среден опсег (ИНФ).
Домашните безбедносни експерти, пак, тврдат дека во последно време големите сили, но и другите воено способни земји, сѐ поголемо внимание му посветуваат на тактичкото нуклеарно оружје, па сега Македонија, со влезот во НАТО, исто така треба повнимателно да ги следи овие случувања.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека на сите им е јасно дека во моментов живееме во ера на втора студена војна, во која ако големите сили САД и Русија не најдат заеднички јазик по прашањата поврзани со безбедноста на светот, може да се случи најлошото.
Аналитичарот советува нашата земја, како нова членка на НАТО, внимателно да ги следи овие релации, бидејќи не по наша вина во иднина можеме да се најдеме инволвирани во безбедносни случувања, затоа што за многу скоро ќе сме сојузник во НАТО на една од инволвираните страни во актуелната нуклеарна „војна“ на закани.

[email protected]