Фото: Дарко Андоновски

Тезите дека членството во ЕУ ќе го запре бранот иселување се спротивни од искуствата на другите земји што веќе го изоделе тој пат

Иселувањето од државата од економски причини заради подобар живот и подобра заработувачка не е нов феномен во Македонија. Печалбарството, иселувањето или миграциите, како што некои истражувачи го нарекуваат овој феномен, низ времето се одвивале со различен интензитет и различни форми, но во денешна Македонија статистиките наведуваат дека последиците од оваа појава сериозно водат кон депопулација на населението. Во последните неколку предизборни кампањи, овој проблем на иселување е издигнат на политичко ниво, со тоа што како волшебно решение за негово надминување се потенцираат повторно заложбите за евроатлантско интегрирање на Македонија. Божем со зачекорувањето во ЕУ и во НАТО ќе се спречи и иселувањето до земјата.
Имено, според политичарите, аналитичарите и експертите што го промовираат влезот на земјава во ЕУ и во НАТО, како брзо решение за сите проблеми на Македонија (од економски до идентитетски), во едноставната равенка за „математичко“ спречување на иселувањето, речиси и нема непознати. Формулата, приближно, гласи: со влегување во ЕУ (и во НАТО) ќе се добие поголем пристап до европските фондови, што ќе отвори нови работни места, стандардот автоматски ќе се зголеми…, и оние што останале во Македонија нема да сакаат да ја напуштат, а оние што заминале – веднаш ќе се вратат… Но дали е баш така. Статистиката и искуствата на другите земји што го изоделе тој пат се поинакви, па дури и сосема спротивни.

Споредено со искуствата на земјите од регионот и соседството, кои повеќе од една деценија се членки на ЕУ, ваквата „волшебна формула“ за намалување и спречување на иселувањето од земјата повеќе личи на мит, отколку на решение. Имено, статистиката во Република Хрватска вели дека откако земјата станала членка на ЕУ, на 1 јули 2013 година, 300.000 Хрвати заминале од нивната татковина, а проекциите се дека за десетина години тоа иселеништво ќе се зголеми до еден милион. Уште поизразен беше тој миграциско-печалбарски бран од Бугарија, Романија, Полска… кога овие земји во средината на првата деценија од 21 век станаа членки на Европската Унија. Бројките на иселеништво од овие земји се бројат во милиони, сосема сигурно повеќе од 5 милиони. Многу поилустративно состојбата е отсликана во податокот дека во последните десет години балканскиот регион го напуштиле повеќе од пет милиони луѓе. Ако оваа бројка се сведе во некои национални рамки, тоа би значело дека за една деценија од Балканот „исчезнала“ една држава како Хрватска или се отселила една половина од населението во Србија или Бугарија.
– Погрешна е политичката теза што се обидува да објасни дека со влезот на Македонија во Европската Унија ќе се спречи иселувањето од земјата. Напротив, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ (а тоа нема никако да биде пред 2030-тите години), дури тогаш, според договорот со Брисел, нашите луѓе ќе добијат право да работат и во другите земји на Унијата. Дури тогаш Македонија ја очекува бран масовно иселување, како што им се случи на Бугарија, Романија, Полска… Во Бугарија се испразнети цели мали гратчиња, токму поради можноста за иселувањето за подобра заработка во Унијата – вели амбасадорот Ристо Никовски.

Никовски смета дека решението на проблемот со иселувањето не смее да се гледа во зачленувањето на Македонија во ЕУ, туку тој мора да се решава со некои други мерки. Наоѓањето решение за тој проблем е исклучително тежок процес.
– Иселувањето на населението е феномен што им се случува и на најразвиените европски земји. Дестинацијата на т.н. одлив на мозоци е лоцирана во САД. Научници, лекари, инженери, интелектуалци од Велика Британија сѐ поинтензивно заминуваат за САД, зашто за истиот труд и знаење таму добиваат двојно и тројно поголема заработка – кажува амбасадорот Никовски.
Наведените примери укажуваат мошне јасно дека евентуалниот влез на Македонија во Европската Унија не би го спречил иселувањето, туку напротив, би го мотивирал. Во тој контекст, воопшто не се охрабрувачки ниту проекциите на Обединетите нации за намалување на населението во светот, во наредните неколку децении, кои се особено драматични за Источна Европа. Сите десет земји што се на врвот на листата на најбрзо опаѓачка популација, според проекциите на ОН, се од Источна Европа (освен неколку од Централна и Северна Европа). Се проценува дека населението во: Бугарија, Летонија, Молдавија, Украина, Хрватска, Литванија, Романија, Србија, Полска, Унгарија, ќе се намали за 15 отсто (дури и повеќе) до 2050 година.
Процените се дека во Бугарија, земјата каде што населението најбрзо се намалува, популацијата ќе опадне од 7 милиони во 2017, до 5,4 милиони во 2050 година. За Летонија, проценет е пад на бројот на населението од 1,9 милион во 2017 до 1,5 милион, додека за Молдавија процените на опаѓањето на населението се движат од сегашните 4 милиони до 3,2 милиони во 2050 година.

Најмалку 11 земји имаат пад на населението за повеќе од 10 отсто, од бројката на нивната популација во 1989 година, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Украина. Летонија изгубила повеќе од една четвртина од своето население од крајот на осумдесеттите години на 20 век, или точно 27 отсто, Литванија – 23 отсто, а Бугарија и Босна и Херцеговина по 21 отсто од населението. На пример, населението во Бугарија броело 9 милиони жители во 1989 година, а во 2017 година покажува бројка од 7,1 милиони жители. Се чини дека формулата за спречување на иселувањето од Македонија, со влезот во ЕУ и во НАТО, е поблизу до перцепцијата на политички мит, отколку на вистинско решение на проблемот. Населението и младината во која било земја, вклучително и во Македонија, може да се мотивираат и да се задржат само со креирање и создавање адекватни услови за работа, усовршување и заработувачка како оние во Европа. Секако, тоа е долг и тежок процес, кој бара и добро осмислена и применлива стратегија, наместо празни политички пораки.