Илустрација/Фото: Архива

Освен сѐ пофреквентниот сообраќај и блокираните крстосници, работата на итната медицинска помош дополнително ја отежнуваат тесните улици и непристапните предели, но и несовесните возачи, кои не ја почитуваат вклучената ротација

Со преполни улици, долги редици од возила, блокирани крстосници секојдневно се соочуваат сите учесници во сообраќајот. Пцости, нервозни дофрлања, неретко дури и физички пресметки се честа слика што може да се забележи низ градските улици. Сепак, најголем е проблемот кога во целиот тој метеж ќе се слушне сирената на брзата помош. Како да се избега од улицата за да му се даде предност на возилото што ита да спаси нечиј живот?

Откако постојат социјалните мрежи, особено групите со многубројни членови, секојдневно можат да се забележат разни видеоснимки и фотографии од сообраќајната (не)култура на возачите. Непропуштање на возилата на брзата помош и блокирање на пробивањето на возилото низ метежот се најчестите сведоштва на граѓаните на социјалните мрежи.

Докторка Елена Пиловска од скопската итна медицинска помош вели дека брзата помош во метрополата покрива 17 општини.

– Главна задача на брзата помош е да интервенира кај акутно животозагрозувачки состојби. Затоа е важно навремено пристигнување на екипата на местото на интервенција. Кога ќе се прими повикот, првата слободна екипа што се наоѓа најблиску до местото на случување веднаш се упатува натаму – вели Пиловска.

Таа истакнува дека возачите на возилото на итната медицинска помош на сите начини се пробиваат низ сообраќајниот метеж, за да се скрати времето за интервенција и безбедно да се пристигне кај болниот.

– Секое непропуштање на возилото доведува до продолжување на времето за укажување навремена помош. Работата на итната медицинска помош дополнително ја отежнуваат и тесните улици, непристапните предели, но и несовесните возачи, кои не ја почитуваат вклучената ротација, па има и такви што забрзуваат кога ги пристигнува возилото. За среќа, тој број е многу мал и сѐ поголема е свеста за тоа дека доколку не реагираат соодветно, со давање предност на возилото на брзата помош, загрозуваат нечиј живот – објаснува докторката.

Воопшто не е лесно да се вози возило на итната медицинска помош. Од возачите најчесто зависи времето на пристигнување до местото каде што е потребна медицинската интервенција.

– За справување со разни ситуации низ градските улици, како возач на возило на итната медицинска помош, потребно е да се биде психофизички и стручно подготвен, но и да се биде крајно професионален и смирен за ургентните состојби со кои се соочуваме, особено во делот каде што како возач треба безбедно да стигнам до пациентот. Не е потребно само да се вози. Треба добро да се познаваат градот и промените на улиците, но до одредената адреса се стигнува во координација со диспечерот – вели Јовица Ѓоргиев, возач на возило на итната медицинска помош.

Тој додава дека кога станува збор за итна интервенција, ги вклучуваат светлосниот и звучните сигнали, за другите учесници во сообраќајот да бидат запознаени дека се работи за итна ситуација.

– Во тој случај, секоја минута и секунда е важна, како за пациентот, така и за неговата фамилија, особено затоа што додека да пристигнеме, секоја секунда се чини како вечност за најблиските на пациентот. Граѓаните треба да се сигурни дека ние како итна медицинска помош даваме сѐ од себе за да стигнеме најбрзо што можеме до пациентот и да му помогнеме, независно од неговата возраст – вели тој.

Според Ѓоргиев, учесниците во сообраќајот кога ќе слушнат или видат возило на итната медицинска помош, треба колку што дозволуваат условите во сообраќајот да му дадат предност на возилото на брзата помош.

– Апелирам до возачите да не реагираат нагло кога ќе видат возило на брзата помош, бидејќи со тоа што нагло го сопираат возилото, прават уште полошо. Најдобро би било да вклучат четири трепкачи, за возачот да знае дека го забележале и дека се обидуваат да најдат начин за да не бидат пречка за возилото на брзата помош – истакна тој.