Се намалува бројноста на најчувствителните видови, кои подоцна можат целосно да исчезнат

Ако човекот не може да влијае врз хидролошките состојби, тогаш може да внимава барем на сопствените постапки, за да не го загрозува и она малку што остана да се зачува во Преспа

Преспанско Езеро е познато по своите циклуси на повлекување на водата условени од хидролошката состојба, но и од составот на теренот, кој во еден дел е карст што влијае врз понирањето на водата, најмногу под Галичица, за што „Нова Македонија“ веќе пишуваше, но влијанието на човекот се посочува како главен виновник за загрозувањето на биодиверзитетот. Токму тоа, според експертите, веќе резултирало со очигледни последици, кои поради пасивноста на надлежните, секојдневно примаат сѐ поголеми димензии.

– Неповолните состојби со Преспанско Езеро влијаат на начин што некои видови птици што претходно се гнезделе тука, повеќе не се гнездат. Покрај тоа, во водата се забележливи и други видови риби, кои претходно ги немало во Преспанско Езеро, риби предатори. Имено, Преспанско Езеро е карактеристично по единствени видови што живееле во изолација милиони години, а сега кога се пуштаат други видови риби, тие може да ги истребат токму автохтоните видови – велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Оттаму уште додаваат дека луѓето со употребата на пестицидите, секако, влијаат врз загрозувањето на биодиверзитетот, но нагласуваат дека тоа е глобален проблем.
– Дејството на човекот во еден дел, во комбинација со долготрајните сушни периоди и малите количества снег и дожд изминатите години, придонесуваат за сè она што сега му се случува на Преспанско Езеро – посочуваат од МЕД.

Луѓето што секојдневно се во водите на Преспанско Езеро, рибарите, се жалат дека токму големата употреба на пестициди на околните плантажи со јаболка влијае врз промената на биодиверзитетот во водата.

– Водата целата е позеленета. Па сега во најдлабокиот дел на езерото има метар и половина висока трева. Таа израснала толку голема само од вештачките ѓубрива што се употребуваат во овоштарниците, а кои преку подземните води завршуваат во Преспанско Езеро – вели Науме Ставревски, концесионер на езерото.

Според него, доколку не се преземе нешто, езерото ќе доживее еколошка катастрофа.
– Шест години од надлежните служби никој не излегол да види што се случува со езерото. Сите очи се свртени кон Охридско Езеро, а не знаат дека ако го снема Преспанско, ќе го снема и Охридско Езеро – истакна Ставревски.

Тим експерти, пред некоја година, изработија студија за заштитеното подрачје Езерани, во која сеопфатно ги анализираа опасностите што се кријат за биодиверзитетот во Преспанско.

– Загадувањето на водата е предизвикано од примената на нееколошки земјоделски постапки, несоодветно отстранување на амбалажите во кои се сместени пестицидите, испуштање отпадни води во пропустливи септички јами со што се овозможува пробивање на органските загадувачи во земјата, а оттаму преку подземните води одат во езерото, нелегалниот риболов, како и масовната експлоатација на песок и чакал што влијае врз вознемирувањето на дивиот свет – се наведува во студијата.

Покрај тоа, човекот со нелегалните активности, како неконтролираниот лов, ги загрозува птиците во овој дел на Преспа, а ги загрозува и нивните живеалишта. Ако на тоа се надоврзе и повлекувањето на водата, многу од овие живеалишта што биле поблиску до езерото, сега се оддалечени поради што птиците ги напуштаат.

Генерално земено, растителните и животинските заедници што ја населуваат Преспа се адаптирани на еколошките услови што владеат таму, а кога се нарушени еден или повеќе еколошки параметри на тоа подрачје, како што е случајот со намалување на нивото на езерото, доаѓа до намалување на бројноста на најчувствителните видови, кои подоцна можат целосно да исчезнат и да бидат заменети со други видови, кои не се толку тесно поврзани со одреден простор.

Тој процес токму сега се случува со Преспанско Езеро, и ако човекот не може да влијае врз хидролошките состојби, тогаш барем може да внимава на сопствените постапки, за да не го загрозува и она малку што остана да се зачува во Преспа.

Последното драматично намалување на нивото на водата во Преспанско Езеро беше повод и за започнување онлајн-петиција насловена „Да го спасиме Преспанско Езеро од пресушување“, која за ден-два ја потпишаа речиси 4.000 луѓе, а бројот на оние што ја потпишуваат постојано расте. По алармот што го вклучи јавноста, конечно реагираше и Владата, така што го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да формира работна група, која ќе предложи насоки за активности за наоѓање решение за загрижувачкото опаѓање на нивото на Преспанско Езеро.