Државната изборна комисија го утврдува изгледот на гласачкото ливче за референдумот закажан за 30 септември, откако реши ливчињата за ги печати печатницата „Киро Дандаро“ за 13 милиони денари.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, информира дека од безбедносни причини изгледот на гласачкото ливче комисијата ќе го утврдува на затворена седница за јавноста, дека за печатење на избирачките ливчиња се пријавиле три печатници, но дека комисијата одлучила тоа да го прави печатницата „Киро Дандаро“. Се водело сметка заштитата на гласачките ливчиња да биде на највисоко можно ниво за да се избегнат сите евентуални шпекулации.

За сумата од 13 милиони денари за печатење на гласачките ливчиња, Дерковски рече дека е намалување во споредба со парите потрошени за гласачки ливчиња на изборните циклуси во 2016 (околу 49 милиони денари) и во 2012 година (28 милиони денари).

Членовите на комисијата го усвоија упатството за важечки и неважечки ливчиња на референдумот. За важечко ливче ќе се смета она ливче на кое, како што рече членката на ДИК, Елизабета Постоловска, ќе се заокружи „за“ или „против“ со сино пенкало.
– Со штиклирање и ставање „х“ ливчето ќе биде неважечко – истакна таа.

Борис Кондарко, читајќи дел од упатството за важечки и за неважечки гласачки ливчиња кажа дека „гласачкото ливче е неважечко ако не е пополнето на начин предвиден со Изборниот законик, Законот за референдум и ова упатство, ако е прецртано делумно или целосно, ако се заокружени двата или не е заокружен ниеден од понудените одговори на поставеното прашање, ако бројот на гласачкото ливче не е соодветен на бројот гласачкото место каде што се гласа или ако гласачкото ливче нема печат на предната страна“.

Според податоците на ДИК, помалку од 10 гласачи има во 81 избирачко место во 27 општински изборни комисии. Во овие избирачки места нема да се спроведе гласањето за референдумот, но овие граѓани ќе бидат упатени да се изјаснат во најблиското избирачко место. Гласањето на референдумот на 30 септември ќе се одвива во 3.480 избирачки места, а според заклучениот Избирачки список, право на глас имаат 1.806.336 граѓани.