Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на национален координатор за странска помош, со новоименуваниот амбасадор на Кина, Џанг Ѕуо, потпишаа два договори за неповратни грантови за реализација на проекти во секторите здравство и социјална заштита, како и научноистражувачка дејност во висина од речиси 4 милиони евра.

– Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија до сега, Кина обезбедила вкупно 325 милиони јуани помош, опфаќајќи образование, медицинска нега, научни истражувања и други области – истакна амбасадорот Ѕуо, појаснувајќи дека проектите кои ќе се спроведат во претстојниот период ќе им бидат од полза на двете земји и народи, и ќе промовираат поврзаност на Балканот, со цел постигнување на заеднички развој низ регионите.

Османи кажа дека договорот за поддршка во здравствената и социјална заштита е финансиран со грант во вредност од 30 милиони јуани, износ кој надминува три милиони и 800 илјади евра, а преку кој ќе се набават над 100 возила за потребите на здравствениот сектор, вклучувајќи и опрема, за потребите од итната медицинска помош, како и унапредување на услугите за домашните посети во здравството.

Вториот договор кој беше потпишан денеска, во висина од 620 илјади јуани, или околу 80 илјади евра, e наменет за донација за опремување на Институтот за молекуларна биологија.