Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека за месец август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Со оваа одлука, во фази започнува спроведувањето на мрежата за доставување лекови без квоти и воспоставување дополнителни механизми за заштита од злоупотреба.

– За месец август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на нашите туристички места Охрид, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Тоа значи дека за секој лек којшто ќе биде издаден на рецепт, рецептот ќе биде реализиран од страна на Фондот за здравствено осигурување – потенцираше министерот Филипче.

Придобивка од ова решение, како што рече Филипче, е надминување на проблемот со недостигот на лекови, односно лековите на рецепт и тие ќе бидат подостапни за пациентите.

Првата фаза на укинувањето на квотите за лековите почнува од месец август во овие региони, а во зависност од Фондот за здравствено осигурување следнатите фази ќе се имплементираат до крај на септември. Ова е првиот чекор кон целосно укинување на квотите. Во меѓувреме, се воведуваат дополнителни контроли и се засилува целиот механизам.

„Во периодот што следи, кон крајот на месецот ќе почне и официјално административната процедура на вклучување на сите аптеки што во овој момент не се во мрежата на здравствени установи, за истите да се вклучат. Да можат и тие да станат дел од овој систем, а во исто време ќе почнеме и со проширување на мрежата за прием на нови специјалистички ординации“, истакна министерот Филипче.

Овие мерки се во интерес и на лекарите и на пациентите. Преку отворање на специјалистички ординации, младите лекари ќе ги мотивираме да останат и да работат во нашата држава, а пациентите ќе имаат поголема можност да бираат во која специјалистичка ординација сакаат да одат.