Бискупот Киро Стојанов, првиот човек на Католичката црква во Македонија, во пораката за Велигден на католичките верници им порачува дека не само што радоста им е збогатена со празнувањето на овој ден, туку и што во ова воскресно време, во Македонија во пасторална посета доаѓа папата Франциск

Верниците на Римокатоличката црква во Македонија овој викенд ќе го одбележат најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден. Овој Велигден ќе го слават само верниците на Католичката црква, кои се дел од Грегоријанскиот календар, преостанатите католици кои се дел од византискиот обред Велигден ќе го слават следната недела, на 28 април. Тогаш Велигден ќе го слават и православните, но и христијаните од евангелско-методистичката црква кои, исто така, го користат Јулијанскиот календар.

Традиционално, централното одбележување по повод празникот ќе биде во сабота навечер, во католичката црква „Пресвето срце исусово“ во Скопје, кога ќе се одржи велигденската воскресна литургија.

Тогаш, според католичките теолози, ќе се читаат библиските записи на свечената света миса, а верниците ќе припомнат на сите божји добродетелства низ човечката историја, како и на едно од неговите најголеми добродетелства, дека починал за нашите гревови и по три дена славно воскреснал.

Од Католичката црква во Македонија велат дека Исус Христос во одредено историско време бил измачуван и распнат, убиен и погребен во Ерусалим, но според нив, факт е дека смртта над него немала последен збор.

– Сам навести, а и сета историја на верувањето стави акцент, дека воскресна. Неговото материјално битие излезе од законот на нашата физика и во преобразеното тело и денес е присутен. Разбирливо е дека поединостите на таквото тело нам не ни се познати, но тоа што со очите на верата го гледаме и со душата веруваме нѐ прави денес среќни, бидејќи е врв, а и извор на нашата вера дека Христос е жив, воскреснат, прославен и сега е меѓу нас – објаснуваат од Католичката црква.

Бискупот Киро Стојанов, првиот човек на Католичката црква во Македонија, во пораката за Велигден на католичките верници им порачува дека не само што радоста им е збогатена со празнувањето на овој ден, туку и што во ова воскресно време, во Македонија во пасторална посета доаѓа папата Франциск.

– Нека доаѓањето на папата, на секој верник и на секој човек во нашата татковина ги зајакне чекорите за мир, сигурност во животот и надеж за подобро утре. Со тие мисли се среќаваме во славата на воскресението на нашиот господ, Исус Христос, што нѐ прави способни да можеме искрено да порачаме: „Не бој се, стадо мало!“. Небесниот отец ви го предаде царството на животот. Христос воскресе! – порача бискупот.
Овој Велигден го прославуваат католиците, протестантите, англиканите, односно околу две милијарди христијани во светот.