Потопената црква кога езерото е полно со вода

Верското и културно светилиште, некогаш потопено во Мавровско Езеро, наскоро подготвено за литургии, венчавки, крштевки…

Црквата „Св. Никола“ и руинираната камбанарија, околу шеесет години потопени во водите на Мавровско Езеро, летово беа целосно обновени. Дотраениот и оштетен малтер беше иструган и беше поставен нов, покривот целосно заменет со нови ќерамиди, на врвот на камбанаријата беа поставени нов крст и нова камбана. Сето ова беше реализирано со доброволни акции и средства на мавровци, кои ги исчистија внатрешниот дел на црквата и олтарот, притоа беа собрани и изнесени над 350 кубни метри камен, искршени камени плочи и ќерамиди, земја, дрвени греди, песок и друг материјал. Исто така, беа отстранети дрвата на покривот на црквата. За овие работи беа потрошени над 1.200.000 денари, средства обезбедени од донации и доброволни прилози на верниците и жителите на селото Маврово и од други места на Македонија. Значајно е тоа што проектот за обнова на црквата „Св. Никола“, верско и културно светилиште, го поддржаа и неколку фирми, што дава надеж дека активностите за обновата успешно ќе завршат.

Носител на активностите е Здружението за обнова и одржување на потопената црква „Св. Никола“ во селото Маврово, кое беше формирано и регистрирано на почетокот на годинава, по иницијатива на група ентузијасти од селото Маврово. За мотивот и за програмските цели на здружението нѐ информира претседателот Васил Степанов.
Кога почнало Мавровско Поле да се претвора во езеро, нашите предци биле немоќни да го спречат потопувањето на црквата, тагувале што веќе не можат да го посетуваат светилиштето, да му се помолат на Господ, да запалат свеќи за здравје и успех, да ги крштеваат рожбите, да ги венчаваат младите, да присуствуваат на литургиите и на богослужбите… Тие им оставија аманет на генерациите по нив да се грижат и да ја заштитуваат црквата „Св. Никола“. Темелите на црквата биле осветени во 1850 година, а по шест години била изградена и осветена. Се вбројува меѓу поубавите цркви во крајот, со дрвен иконостас и икони што ги изработил познатиот мијачки зограф Дичо Зограф од мијачкото село Тресонче – вели Степанов.

„Св.Никола“ со обновената камбанерија

Во разговорот, тој објаснува дека програмата предвидува целосна заштита на црквата „Св. Никола“, за да се оспособи и во неа да се одржуваат литургии, богослужби, венчавки и крштевки, како и културни приредби. За целосно реализирање на програмата се потребни огромни парични средства.

Почнавме, тргнавме од мртва точка, верувам и очекувам дека програмата ќе ја поддржат надлежните министерства, Владата, а помош очекуваме и од носечките фирми во Македонија и од поединци. Во следната фаза ќе изработиме проект за зацврстување на ѕидовите, за изработка на покривот, заштита од потопување на црквата од водите на Мавровско Езеро, пристап до црквата итн. Со целосна реализација на зафатот, црквата ќе биде и туристичка атракција за посетителите и гостите – вели претседателот.

Црквата „Св.Никола“ внатрешен дел

Потопената црква „Св. Никола“ во Мавровско Езеро, според реномираниот портал „Хафингтон пост“ од САД, се вбројува меѓу најубавите напуштени цркви на светот. Ова е уште една потврда за вредноста на црквата и наедно повик за нејзина обнова и ставање во функција, за да не исчезне засекогаш.

Во потопената црква „Св. Никола“ во Мавровско Езеро речиси шеесетина години не се одржуваат богослужби, бидејќи од март-април до октомври е целосно под вода. Инаку, богослужби се одржувале до почетокот на шеесеттите години на минатиот век, кога се потопила, иако полнењето на Мавровско Поле почнало на крајот на 1952 година за да се создава Мавровско Езеро.

На големите православни празници, Божиќ, Водици, Велигден, Св. Никола и други, заедно со мајка ми, како момче, сѐ до 1963/1964 година, присуствував на богослужбите што се одржуваа во црковниот храм „Св. Никола“ – се присетува пензионерот Сретен Лазарески од селото Маврово.

Во изминативе триесетина години, по осамостојувањето на Република Македонија, беа поведени неколку иницијативи за дислокација на црквата, но и такви за таа да остане на истата локација.

Иницијативниот одбор за обнова и заштита на црквата „Св. Никола“, во хотелот „Макпетрол“ во селото Маврово, во 1996 година одржа состанок во проширен состав, на кој присуствуваа првите луѓе на десетина носечки фирми во државата, верници од селото Маврово, архитекти и други стручни лица. Митрополитот г. Кирил, надлежен архијереј на Полошко-кумановската епархија на МПЦ, сумирајќи ги дискусиите, предложи да се изгради нова црква, не потценувајќи ги двете иницијативи: црквата да се обнови на самото место или да се дислоцира. Но, според пресметките што ги имаа направено архитектите, двете варијанти беа многу поскапи во споредба со онаа на владиката.

На 24 мај 2008 година, на празникот на светите солунски браќа Кирил и Методиј, беше осветен импозантниот црковен храм, кој е достојна замена за потопената црква.