Фото: Архива

Во пресрет на црковно-народниот собор во Калишта

Иако на официјалниот дневен ред на претстојниот архиепископски црковно-народен собор, кој ќе се одржи викендов во струшко Калишта, не е поставено вакво прашање за разговор, сепак академската елита во земјава и високи црковни достоинственици надвор од МПЦ-ОА сметаат дека треба да се отвори оваа тема за дискусија меѓу нашите великодостојници, за да се направи уште еден чекор во насока на приближување на големата цел, односно меѓуцрковно канонско признавање на автокефалноста на нашата православна црква

Дали Македонската православна црква-Охридска архиепископија ќе го зацврсти својот историски континуитет како црква на овие простори и во православниот свет ако на официјалното име го додаде и Јустинијана Прима?
Ваквата дилема изминатиот период многу често се наметнува меѓу историчарите и меѓу црковните великодостојници, особено поради политичката состојба за промена на името на државата, како и поради иницијативата на вселенскиот патријарх дека ќе го разгледа прашањето за добивање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.
Иако на официјалниот дневен ред на претстојниот архиепископски црковно-народен собор, кој ќе се одржи викендов во струшко Калишта, не е поставено вакво прашање за разговор, сепак академската елита во земјава и високи црковни достоинственици надвор од МПЦ-ОА сметаат дека треба да се отвори оваа тема за дискусија меѓу нашите великодостојници, за да се направи уште еден чекор во насока на приближување на големата цел, односно меѓуцрковно канонско признавање на автокефалноста на нашата православна црква.

Истовремено, соборот се совпаѓа со јубилејот, еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија, што МПЦ-ОА го слави како поврзување на својот континуитет со ОА.
Дали ваквата академска дискусија, па и размислувањата на некои високи црковни достоинственици однадвор, може да создаде простор да се зацврсти континуитетот на МПЦ-ОА во православниот свет, односно да се доближи уште повеќе до автокефалниот статус? Таквата дилема го иницира и прашањето дали владиците можеби прават уште еден исчекор во зацврстување на позицијата на МПЦ-ОА во процесот на добивање на нејзиниот автокефален статус.
Многу историчари сметаат дека Охридската архиепископија е канонска наследничка на Јустинијана Прима, а МПЦ-ОА е канонска наследничка на ОА, со што може да се повикаме на наследството од Јустинијана Прима, како цел континуитет на поврзување. Сепак, за потсетување е тоа дека кога МПЦ-ОА го испрати писмото до вселенскиот патријарх со барање да се разгледа и реши македонското црковно прашање, пишуваше и дека таа како црква е подготвена да прифати признавање на црквата под името Охридска архиепископија.

Нема бришење на придавката „македонска“

Во јавноста и во дел од медиумите се пишуваше дека МПЦ-ОА ќе го менува името, односно дека ќе ја избрише придавката „македонска“. Но од кабинетот на архиепископот г.г. Стефан испратија демант до јавноста, во кој се негира секоја промена на името на црквата, особено нагласувајќи дека нема никакво бришење од називот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
– Ја информираме македонската јавност дека на претстојниот архиепископски црковно-народен собор, кој ќе се одржи во манастирот „Рождество на пресвета Богородица“ во Калишта, од 5 до 7 октомври, на дневниот ред воопшто не постои точка за промена или бришење на називот Македонска православна црква од името на нашата света црква. Македонската православна црква е возобновителка на Охридската архиепископија и затоа Македонската православна црква е Охридската архиепископија и Охридската архиепископија е Македонската православна црква – соопштуваат од кабинетот на архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Официјални уставни измени

Официјалните главни теми на соборот ќе бидат реорганизација и јакнење на кадровскиот потенцијал на Синодот на МПЦ-ОА, како и потврдување на новите епархиски граници на црквата. Се очекува присуство на сите членови на Синодот на МПЦ, како и присуство на по пет делегации од секоја епархија. На соборот ќе има и претставници што не се дел од свештенството, односно претставници од народот.
Црковни извори велат дека на овој собор ќе се разгледуваат и измените на Уставот на МПЦ што се однесуваат на делот на границите на епархиите, кои беа променети по изборот на двајца владици на некогашната полошко-кумановска епархија. Исто така, се очекува дека во Уставот на МПЦ ќе се потврди и поделбата на двете епархии во Австралија. Исто така, се очекува да се разгледува прашањето дали викарните епископи во Синодот ќе имаат право на глас на седниците. Засега во Синодот има само еден викарен епископ, владиката Климент, но, според неофицијалните најави, во иднина се очекува избор на уште неколку викарни епископи. Црковно-народниот собор е највисокото црковно тело на МПЦ-ОА, кое треба да ги верификува одлуките што ги носи Синодот.

„Нова Македонија“ останува да го следи архиепископскиот црковен собор во Калишта и да ги добие одговорите на овие прашања. Како што македонската држава и народ се исправени пред силни и бурни предизвици, така и МПЦ- ОА и православните верници се соочуваат со предизвици, кои, се разбира, треба да се решаваат првенствено во интерес на македонскиот народ, односно верниците.