Фото: Дарко Андоновски

Од спомениците, преку учебниците и трговските спогодби, доказот за историскиот Преспански договор помеѓу Грција и Македонија, се наоѓа во „ситните букви“, пренесува „Франс прес“.

– Една од причините за спорот, претставуваше грчката загриженост оти Македонија се обидува да го узурпира историското наследство на Александар Велики, кој претставува значителна историска личност за многумина Грци. Претходната националистичка влада подигна споменици на Александар Велики и на неговиот татко Филип и издаде учебници во кои е „замаглен“ грчкиот идентитет на античките Македонци. Според Преспанскиот договор, спомениците ќе останат, но Скопје е обврзано да постави плакети со дополнително објаснување поврзано со нивниот хеленски идентитет – се наведува во анализата.

Во договорот со 20 члена се наведува дека Македонија во следните шест месеци ќе „изврши ревизија на статусот на спомениците, на јавните згради и на инфраструктурата на нејзина територија, за да ја осигури почитта на историското наследство“. Властите исто така ќе треба да ги тргнат сите обележја на сонцето од Вергина. 

Националноста на граѓаните на преименуваната држава ќе остане македонски. Тука ќе биде потребно услогласување меѓу Грците кои ги нарекуваа соседите „скопјанци“ во изминатите 27 години. Во официјалните македонски документи ќе стои терминот „Македонец/државјанин на Северна Македонија“.

Јазикот, исто така, ќе остане познат како македонски. Но, за да се направи разграничување од грчкиот говорен од античките Македонци, договорот прецизира оти македонскиот јазик припаѓа на „групата на словенски јазици“.

Регистарските таблички ќе ја сменат кратенката во „НМ или НМК“, но за секоја друга употреба, како на пример во спорот, кратенката ќе остане „МК“ или „МКД“. 

Поделикатно ќе биде обележувањето на локалните производи, од кои дел произведени во грчката провинција Македонија, се означени како „македонски“. Тука спаѓаат, на пример, македонското вино и македонската алва.

Според спогодбата, Атина и Скопје треба да ги „охрабрат“ нивните бизнис-заедници да постигнат „заемно прифатливи решенија“ за ова прашање.